Skip to main content

Промоција романот за деца и млади „Илина и тајните на Бабин Заб“ од Хана Корнети

Предновогодишно, на 20 декември, во 17 часот во кафе барот Вудсток ќе се промовира романот за деца и млади „Илина и тајните на Бабин Заб“ од Хана Корнети. Романот е објавен во издание на Или-Или, во едицијата „И ете приказна“. По „Илина и шумските тролови“ авторката, на радост на верните читатели, во втората книга од најавената трилогија нѐ запознава со новите авантури на паметната, хумористична и шармантна Илина и нејзините пријатели. За книгата на промоцијата ќе зборуваат нејзините први и верни читатели: Ивана Марковска Доковска, Каја Атанасова Ѓорѓиева и Јован Стаменов.

„Во книгата повторно навлегуваме во двојниот живот на Илина: оној обичниот, дома и на училиште, и оној волшебниот, каде полека ја сфаќа комплексноста на што е тоа да се биде вештерка. Во двата света, авторката внесува нови комплексни слоеви, приказни и ликови кои ќе ги инспирираат читателите да размислуваат и, особено за децата, да се чувствуваат помалку осамени во предизвиците на растењето, семејниот живот и самоспознавањето.

Илина е истото умно и пресамоуверено девојче во кое се заљуби читателската публика. Тука е можеби малку позрела, зацврстувајќи го местото на овој серијал во традицијата на „Bildungsroman“ или на „Coming of age“ приказна“, вели уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ.

Поврзани вести