Skip to main content

Советот на јавни обвинители треба да назначи вршител на должност на местото на Коцевски

Советот на јавни обвинители денеска на седница треба да определи вршител на должноста јавен обвинител откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во вторникот си поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција.

Седницата Советот на јавни обвинители е закажана во 11 часот.

Вршителот на должност се назначува согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство, а се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија. Должноста ќе ја извршува до именување на нов државн јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Јавни обвинители во Јавното обвинителство на РСМ се Анита Тополова Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.

Љупчо Коцевски во средата, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување, на прес-конференција објави дека поднел неотповиклива оставка на функцијата. Коцевски во образложението истакна дека функцијата од која заминува ја вршел чесно и достоинствено, а оставката ја поднесува поради, како што рече, „очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“.

Оставката, како што наведе, ја поднесува поради „непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, а предлогот за негово разрешување го оцени како политичка одлука.

Коцевски во обвинителството е од 2008 година, кога е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар. За државен јавен обвинител беше избран на 18.01.2022 година од Советот на јавните обвинители, а Собранието го именуваше на 13.02.2024 година.

Законската постапка за избор на прв човек на Јавното обвинителство предвидува дека тој треба да е државјанин на Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да има деловна способност, да има завршени правни студии и положен правосуден испит. Посебен услов за државен јавен обвинител е кандидатот да има непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Новиот државен јавен обвините треба да се избере по оглас што ќе го распише Собранието. Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавувањето на огласот во Службен весник. По пријавувањето на кандидатите, Владата треба да побара мислење од Советот на јавни обвинители за сите пријавени кандидати.

Советот на јавни обвинители е должен да ги подготви образложените позитивни или негативни мислења во писмена форма во рок од 15 дена. Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Доколку и по овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.

Во случај Советот на јавни обвинители да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување јавен обвинител и ќе му предложи на Собранието да распише нов оглас.