Skip to main content

Третманот на ретки конгенитални деформации кај деца ќе станат стандарден дел од клиничката пракса на ТОАРИЛУЦ

Влада

Четиригодишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет е успешно оперирано на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

Прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.

Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови, вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.

Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.

Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца, додавапроф. д-р Мерџановски.

Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото.

Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој

Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.

Screenshot

Во октомври годинава беше отворен целосно реновираниот болнички оддел на ТОАРИЛУЦ.

Во рамки на оваа инвестиција, извршена е замена на сите прозорци, врати, подови и поставени се нови кревети за пациентите, со што одделот е комлетно обновен после повеќе од 20 години. Црвениот крст по повод 80-годишнината од неговото постоење донираше 22.000 евра за опремување на реновираниот болнички оддел.

Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски изјави дека реновирањето на болничкиот оддел претставува значаен чекор напред во подобрувањето на здравствената заштита на пациентите.

фото: Влада

Со оваа инвестиција не само што добиваме современ и функционален простор, туку создадовме услови за највисоките медицински стандарди за подобра дијагностика, побрзо лекување и поголема удобност на пациентите. Грижата за човекот е во сржта на нашата работа. Нашите пациенти заслужуваат современи услови и највисок квалитет на услуга, а нашите лекари и медицински сестри заслужуваат средина во која можат да ја покажат својата професионалност и хуманост во најдобро светло. Со отворањето на целосно реновиран болнички оддел на ТОАРИЛУЦ правиме чекор кон помодерно, похумано и поефикасно здравство, рече доктор Мерџаноски.

Тој најави дека ТОАРИЛУЦ продолжува со проектите за: реновирање на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) која ќе биде опремена со најсовремена апаратура за интензивно лекување, реновирање на оперативниот блок, а во следната година спиналниот центар за операции на рбетен столб ќе добие најнова апаратура со навигација со автоматизирана роботска рака со која ќе биде на мапата на светските центри за лекување на болестите на рбетниот столб.

фото; Влада

Во тек е, посочи тој, набавка на најнова апратура од сопствени средства, Декса скен за дијагностика на остеопороза и густина на коската.

Донесени се нови борили за операции, две анестезиолошки машини кои ќе ги заменат 20-годишни старите апарати, најнов систем за вонтелесно прочистување на крвта, електро каутер за операции со аргон кој се користи при операции на тумори за безкрвно отворање на оперативното поле. Направен е сервис, оспособени се три рендген апарати кои беа надвор од функција и се набавува нов рендген, набавена е заштитна опрема од радијационо зрачење која со донација е за заштита на персоналот кој работи во оперативниот блок под рендген апарати. Седумгодишниот проблем со климатизацијата на оперативните сали на трауматологија е решен со поставување две клими за медицинска употреба со сите филтри кои ги задоволуваат стандардите. Набавени се со донација со што се намали бројот на инфекции од несоодветната климатизација. Ставен е нов елетростатски под во едната сала која не ги задоволуваше мерните стандарди, рече д-р Мерџаноски.

Осум доктори на специјализација, четири доктори на медицина, 22 болничари, 12 хигиеничари и 20 медицински сестри се вработени на Клиниката за ТОАРИЛУЦ во изминатиот период. Како што вели проф. д-р Мерџаноски, тие кои работеле со договор на дело се вработени на неопределено време и седум години чекале за решение за работа.

Во јуни годинава на Клиниката при ТОАРИЛУЦ успешно беа изведени две сложени трансплантации на коска од починати донори, со што продолжува примената на современи и високоспецијализирани медицински интервенции во областа на ортопедија и трауматологија во нашата земја.

Во првиот случај е извршена операција на коскена циста кај 45-годишен пациент. Интервенцијата ја спровел стручен тим, во состав: проф. д-р Милан Самарџиски, доц. д-р Александар Трајановски, д-р Билјана Лазарова, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Марина Темелковска, инструментарка с. Кристина Реџеп, помошник инструментар д-р Оливера Лазаревска, сестра анестетичар Гордана Захариева и болничарка Снежана Тодоровска.

Втората трансплантација била изведена кај 65-годишна пациентка со дијагностициран гигантоцелуларен тумор на дисталниот дел од радиусот на десната подлактица. По претходно направена биопсија, како што се наведува, е заменето туморското ткиво со здраво коскено ткиво од донор. Интервенцијата ја водел специјалист ортопед и супспецијалист трауматолог д-р Резеарт Далипи, заедно со тимот: д-р Маја Неделковска, специјалист ортопед, д-р Симона Карапанџевска, специјализант по ортопедија, д-р Искра Шојлевска–Јовановска, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Јадранка Зафировска, анестетичар Мерита Рамадани, инструментарка Оливера Лазаревска, помошна инструментарка Сања Тодоровска, радиолошки техничар Силвана Стојковска и болничар Сејнур Идриз.

Двете интервенции се реализирани во соработка со д-р Милена Богојевска Доксевска, болнички координатор за ортопедија и одговорна за ткивната банка.

Во меѓувреме тимот на ТОАРИЛУЦ со ангажман за викенд работи на намалување на листата на чекање на пациенти кои треба да бидат оперирани.

И овој викенд благодариме на Централната Стерилизација која доаѓа од дома за да можеме со тимот од Анестезија и Траума да ја намалиме листата на чекање, вели д-р Мерџановски.

Александра М. Бундалевска

Поврзани вести