Skip to main content

Хаос во судницата: Пронајдени 13 телефони кај обвинет за „Пулс“, тврди „само стоеле“ во ќелијата

Со 15-минутно доцнење и во видливо напната атмосфера започна денешното рочиште за трагедијата во клубот „Пулс“. Пред да отпочне главната расправа, судијката Дијана Груевска Илиевска го предупреди обвинетиот Џеваир Камбери за сериозен прекршок што, според судот, го сторил додека се наоѓал во притвор.

Во судницата беше соопштено дека при претрес во неговата ќелија во истражниот затвор „Скопје“ биле пронајдени вкупно 13 мобилни телефони и еден лаптоп.

Запрашан од судијката како тие уреди завршиле кај него, Камбери даде невообичаено објаснување: „Јас ги најдов таму уште кога влегов“, изјави обвинетиот.

Судијката веднаш го отфрли ваквото оправдување, одговарајќи остро: „13 мобилни телефони ги најдовте вие? Ве молам… знаете што следува понатаму – самица и други мерки.“

Камбери, инаку службено лице – советник во Министерството за економија, е обвинет како еден од клучните учесници во незаконското издавање лиценци за „Пулс“. Според обвинението, примал поткуп и фалсификувал службени документи, при што наводно зел 226.000 денари за да издаде фалсификувана лиценца за кабаре спротивно на прописите.

Поврзани вести