
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска изјави дека повеќе од 70 проценти од пензионерите од следниот месец ќе добиваат помали пензии поради иницијативата на уставната судијка, а за што одлуката е веќе потпишана.
Точно е тоа дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за којашто сите зборуваме, којашто беше архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, којашто беше исто така вториот столб на тој архитип на судството едно време, и којшто соучествува во онаа чанта од брендот Луј Витон, се тие на коишто денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите, рече премиерот Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување пратенички прашања.
Тој истакна дека судијката на Уставниот суд, според последната информација, ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите.

Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд, рече Мицкоски.
Според него, ваквата одлука не е фер, бидејќи Уставниот суд ја укинува одлуката, а нема да се зачуди, како што рече, доколку истата судијка во Уставниот суд донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.
Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер, затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарски го приватизираа и разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии. Целта на линеарното зголемување беше да се намали ХДИндексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија, нагласи Мицкоски.
Премиерот рече дека најверојатно следната одлука што ќе дојде од истиот суд е да се одмрзнат платите на судиите и на обвинителите.

Значи, на пензионерите им се укинува правото, но затоа, пак, на овие обвинители и судии, бидејќи се незадоволни со 2.500, 3000, 4.000 евра месечно, ќе треба да им се одмрзнат платите, а пензионерите со 10.000, 12.000 денари коишто треба да добијат 1.000 денари зголемување сега овој месец, тие се побогати од овие малкумина судии и обвинители коишто ја контаминираат оваа професија, рече Мицкоски.
Тој смета дека ваквата одлука е неправда за пензионерите. – Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите, дециден е Мицкоски.
Премиерот рече дека ќе зборува јавно се додека работите не дојдат на свое место и оти Владата ќе се потруди овие работи многу скоро да дојдат на свое место.
Затоа што очигледно такви се пораките што доаѓаат и ние треба да ги преземеме работите во свои раце, бидејќи сме одговорни пред граѓаните за да се надминат некои појави во судството, особено во обвинителството. Ги слушам јас тие пораки и ќе почнеме да дејствуваме, рече Мицкоски.

Македонски








