
Во книжарницата „Литература“, синоќа беше промовирана најновата книга – збирката колумни „Легија на честа“ од проф. д-р Нинослав Ивановски, еден од највлијателните лекари во македонската медицина, со долгодишно присуство во националниот општествен дискурс.
Книгата содржи избор од неговите колумни објавени во „Слободен печат“ од 2015 година до денес, како и текстови од медицинското списание „Вокс медици“ и неколку нови авторски записи. Овие текстови создаваат автентична, ангажирана и искрена хроника на времето во кое живееме – општество, политика, здравство, човечност, одговорност и јавен морал.
Иако, негова примарна професија е медицината, професор Ивановски, човек кој не припаѓа на ниту едно политичко движење, со години го негува правото на интелектуална независност и слобода. Неговиот пишан збор претставува сведоштво, огледало и документирана трага за времето во кое живееме. Неговите текстови се јасен и чесен одраз на општествените состојби, напишани со остроумност, со прецизност и со чувството на човек, кој е граѓанин на светот и кој никогаш не дозволил да остане нем пред неправдите и девијантните случувања.

Во својата оценка за делото, истакнатиот неврохирург проф. д-р Спасе Јовковски потсети дека позицијата на авторот како човек со долг животен и професионален пат му овозможува длабока и ретка перспектива:
„Има луѓе кои имаат продолжен животен период, присутни се и во третото полувреме. Во овој период, со дополнителен ум, стануваме мудри – сега сè ни станува појасно…“
Писателот Васе Манчев го нагласи ангажманот на Ивановски како лекар и јавен хуманист, кој безрезервно се спротивставува на општествените девијации:
„Како принципиелен приврзаник кон највисоките начела на медицината како хумана наука, професор доктор Нинослав Ивановски силата на својата интелектуалност ја насочува против девијациите во општеството создадени од партизираната политократија… Тоа „диво месо“ во организмот на општеството ги потлачува дури и институциите од здравството, образованието и науката. Во оваа книга, преку своите колумни, Ивановски како лекар се обидува да го излекува и нашето општество од сите заболени девијации.“
Настанот беше и можност да се потсети на богатата биографија на авторот: повеќе од три децении работа на Универзитетската клиника за нефрологија во Скопје, специјализација во Париз во болницата „Некер“. Во 1998 година, во истиот центар е назначен за поканет професор, а во периодот 2009–2011 е придружен професор во болницата „Кремлин Бисетр“ при Универзитетот Париз 11.
Неговиот фундаментален придонес го прави основоположник во развојот на бубрежната трансплантација во Македонија и носител на највисоките државни признанија „11 Октомври“ и „Гоце Делчев“. Има напишано преку 300 научни трудови.
Но неговиот ангажман не запира во медицината. Од својата младост, во времето на студентските движења ширум светот, е активен како соработник и уредник на младиот неделник „Фокус“, препознатлив по текстови кои силно се спротивставуваат на тоталитарните системи. Подоцна станува колумнист во „Дневник“, „Утрински весник“ и „Слободен печат“, каде објавува текстови што и денес се цитираат како пример за јасна мисла, слободоумност и граѓанска храброст. Дел од тие колумните се собрани во неговата книга „Последната одбрана“ (2010).
Во моментот, професор Ивановски е претседател на Македонското здружение за трансплантација на органи и ткива и на Македонската секција на Балканската медицинска унија. Неговото име останува трајно запишано и во медицината, и во образованието, и во јавниот општествен дискурс.

Илустрацијата на корицата е дело на Мирослав Грчев, а издавач е „ВиГ Зеница“.
Во рамки на промоцијата, пред присутните се обрати и самиот автор, кој ја образложи суштинската мисија на „Легија на честа“:
„Оваа книга е обид да оставам документирана трага за времето во кое живееме – со сите негови предизвици, неправди, но и надежи. Верувам дека силата на слободната мисла и одговорноста кон општеството се должност на секој од нас. Ако барем дел од овие текстови поттикнат размислување или будат потреба за подобро утре, тогаш мојата мисија е исполнета.“
Со ова дело, проф. д-р Нинослав Ивановски ја продолжува долгодишната задача – да зборува чесно, мудро и одговорно, да предупредува и охрабрува, да отвора прашања и да буди свест. „Легија на честа“ е уште едно значајно сведоштво за неговата човечност, професионалност и слобода на мислата.

Македонски








