
Нови интензивни врнежи и заситена почва ја зголемуваат опасноста од брзо надоаѓање на водите во повеќе региони низ земјата, предупредува Управата за хидрометеоролошки работи. Денеска делови од државата влегуваат во нестабилен хидролошки период, со можност за локални излевања и поплави на 26 и 27 ноември.
Според хидроалармот, речиси целата територија е во зона со потенцијално опасни услови. Најизложени се централниот и источниот дел на државата, додека Скопје се смета за стабилно, но неговата околина, како Куманово, Крива Паланка, Кочани, Штип, Берово и Делчево, се наоѓаат во зелена предупредувачка зона, што значи дека состојбата може брзо да се влоши доколку врнежите станат обилни.
Западниот и југозападниот дел, вклучувајќи Битола, Прилеп, Ресен, Охрид и Струга, се наоѓаат во категорија со мала опасност. Сепак, УХМР апелира до граѓаните во ниските делови покрај реките Вардар, Брегалница, Пчиња, Струмица и Радика да го следат внимателно водостојот, бидејќи овие реки најбрзо реагираат на нагли врнежи.
„Речните сливови веќе покажуваат тенденција на зголемување: Вардар, Треска, Радика, Сатеска, Коселска, Пчиња, Струмица, па дури и водотеците што доаѓаат од Шар Планина. Високата заситеност на земјиштето овозможува побрза и понагласена реакција на сите речни текови“, велат од Управата.
Граѓаните се повикуваат на зголемено внимание, особено оние кои живеат покрај реки, ниви и ниски зони, каде водата најчесто надоаѓа прва. Можно е појавување на локални излевања, активирање на помали реки и суводолници, како и заезерување поради високи подземни води.

Македонски








