Skip to main content

Високи водостоји и локални излевања поради обилни врнежи — ЦУК апелира на внимателност

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информираат дека поради обилните врнежи од дожд во изминатото деноноќие на повеќе локации низ државата е забележано зголемување на водостоите на реките, локализирани излевања, поплавени објекти и одрони. Надлежните велат дека веќе се преземаат мерки за заштита на населението и инфраструктурата.

Според извештајот на ЦУК, ситуацијата по региони изгледа вака:

Битолски регион — Регистрирано е излевање на реката Шемница кај селото Лера, при што е поплавена една куќа и неколку штали. Во општина Новаци патот кон рудникот Брод–Гнеотино е привремено прекинат поради надојдена вода од Црна Река.

Преспански регион — Излевања се пријавени во селата Царев Двор и Дрмени, со поплавени домови. ЦУК предупредува на можност за излевање и на Голема Река и апелира на зголемено внимание кај населението во околните места.

Струмички регион — Засега нема пријавени материјални штети, но се регистрирани одрони на патниот правец Струмица–Валандово.

Скопски регион — Нивото на речните корита е зголемено, но за момент нема регистрирани излевања надвор од коритата.

Велешки регион — Регистрирани се одрони и паднато дрво на два патни правци. Реката Вардар е на многу висок водостој со ризик од излевање во близина на автобуската станица.

Штипски регион — Нема пријавени проблеми во овој момент.

Охридски регион — Забележано е значително покачување на водостоите; има излевања на повеќе места и ризик од поплавување на поединечни станбени објекти. Активирани се интервенциски екипи во Косел, Опеница и кај Скребатска Река. ЦУК дополнително укажа и на висок водостој на реката Сатеска и повтори препорака за зголемено внимание.

Кумановски регион — Во Куманово и Липково нема пријавено нови излевања; во меѓувреме се расчистуваат наноси кај селото Коинце.

Кратовски регион — Иако водостоите се зголемени, засега нема пријавени штети; исчистен е одрон на патот Страцин–Пробиштип.

Тетовски регион — Нема пријавени штети; водостоите се зголемени, но без излевања.

Од Центарот за управување со кризи нагласуваат дека сите надлежни институции биле навремено известени и дека се преземаат соодветни мерки за санација и заштита на населението и инфраструктурата.

„Апелираме до граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови и поплавени површини, да ги следат упатствата на надлежните служби и при секоја забележана опасност веднаш да пријават на бесплатниот број 112“, порачаа од ЦУК.

Поврзани вести