Skip to main content

Премиера на „Празнина“ во режија на Васил Христов во „Антон Панов“ во Струмица

Со премиерата на претставата „Празнина“, во режија на Васил Христов која е закажана за задутре, 29 декември, во 20 часот Народниот театар „Антон Панов“ ќе ја спушти завесата на годинашниве нови остварувања. Претставата е работена по мотиви на издвоени сцени од драмскиот текст „Празно“ од авторката Алис Бирч.

Христов е автор на сценографијата, негов и изборот на музиката, драматизацијата е на Викторија Рангелова и Христов, асистент на режијата е Драгана Таневска, костимите се на Розе Трајчевска,а дизајнот на рекламниот материјал е на Денко Матевски.

Во „Празнина“ играат: Ангелина Тренчева-Ангелова, Коста Ангов, Јасмина Билаловиќ и Ања Митиќ како гостинки, Ванчо Василев, Танкица Стојанова и Игор Тодоров.

Според најавата за претставата, секоја сцена е засебна „приказна“, а пак логичната поврзаност помеѓу сцените не е очигледна, туку таа се насетува некогаш преку реплика, некогаш преку зададена состојба, некогаш поради потребата да се надгради една или повеќе драмски ситуации, некогаш преку драмската атмосфера, некогаш во драмската пауза, некогаш во она што го нема, а сепак е присутно.

Позицијата на жената и децата во општеството се слика низ сцени во кои тие се поставени во ситуација на соочување со правосудниот систем, соочување со кривичен прогон, одземена слобода, затворски услови, соочување со злосторство, личната трансформација при преиспитување на сопствената вина, личната трансформација при состојба на каење, личната трансформација преточена во резигнација…, напишано е во најавата за оваа премиера.

Поврзани вести