
Со свечена академија вчеравечер во Тетово беше одбележан јубилејот 100 години постоење на планинарскиот клуб „Љуботен“ под слоганот „100 години вредности за 100 години иднина“.
Во рамки на свечената академија пригодни обраќања имаа претседателот на клубот Јован Божиновски, претседателот на Федерацијата за планинарство Зоран Читкушев и претседателката на Републиката, Гордана Сиљановска Давкова.
Љуботен имаше една вековна, тивка, но огромна и одговорна обврска. Клубот со своите активности имаше мисија да ги пропагира убавините на Шар Планина и на планините општо. Едуцираше за здравиот живот и природа и колку е потребно истата да се чува и почитува. Низ илјадници организирани походи ПК Љуботен даде огромен придонес во популаризирање на вредностите на Шар Планина како национален така и на меѓународен план. Клубот има богата архива од сите активности и затоа клубот донесе одлука за формирање на Музеј на планинарењето и скијањето во Македонија, истакна во дел од обраќањето претседателот на клубот, Јован Божиновски.
Претседателот на Федерацијата за планинарство Зоран Читкушев истакна дека низ децениите клубот со планинарството придонесе за поздрави луѓе и почиста земја.

Сведоци сме на една историја, пред сто години група храбри луѓе го основаа планинарско-туристичкото друштво Љуботен. Денес еден век потоа ги гледаме продуктите на нивната визија материјализирани како маркирани патеки, планинарски домови и многу друго. Токму поради тоа овие сто години не се само бројка туку реализирање на нивната мисијата во еден вековен договор меѓу планинарите и природата. Традицијата што вечерва ја одбележуваме е всушност живот на Шар Планина визија на луѓето од пред еден век, истакна Читкушев.
Претседателката Сиљановска Давкова порача до членовите да се продолжи пријателството со Шара, верувајќи дека планината ги здружува луѓето и во добро и во зло.
Ви посакувам многу незапирливи и неброени успеси во времето пред нас. Очекувам раст и развој на планинарскиот клуб Љуботен. Подобри денови за планинарите и планинарењето, рекреацијата и спортот со цврста верба дека се незаменливи и најефикасни бранители на нашето од сите страни атакувани физичко и ментално здравје. Овој голем јубилеј ни овозможува да и сумираме резултатите не само низ лична-индивидуална, туку и низ социјалната димензија. Благословени сме да живееме во планинска земја. Како такви имаме посебна обврска да ги го заштитиме и штитиме планинското богатство. Должни сме да ги заштитиме ретките и загрозени дрвја, животни, птици, инсекти. Природата ќе ни врати со чист и свеж воздух ќе нè штити од поплави, истакна претседателката Сиљановска Давкова.

Во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ беше прикажана и премиерна проекција на дел од документарниот филм што ја раскажува вековната приказна на „Љуботен“. Следуваше и прогласување на почесни членови и доделување плакети за трајни вредности и соработка, како и доделување на највисоки признанија, благодарници и награди за активни членови на клубот.
Присутните на свечената академија во фоајето на Центарот имаат прилика да видат мултимедијална изложба од ретки фотографии и незаборавни моменти од историјата на клубот.

Македонски








