Skip to main content
Концертот „Летај Галебе“ се одржа во Националната опера и балет

Јапонската пејачка Кономи на македонски јазик на вечерашниот концерт во чест на Кире Костов ја отпеа „Кога те нема“ и ја крена на нозе публиката

Голем број познати имиња од забавната музика вечерва на гала концерт му оддадоа почит на човекот кој ги создаде едни од најубавите хитови и за нив напиша повеќе од 700 композиции – едиствениот маестро Кире Костов.

Вечерва не обединува ритамот на маестро Кире Костов. Човекот кој со својата музика ја распеа душата на оваа земја. Композитор, аранжер, диригент, педагог, визионер.. Човекот кој го ослушнуваше пулсот на својот народ и го претвораше во музика, беше речено пред почетокот на концертот.

„Летај Галебе“ е насловот на концертот што се одржа вечерва во Националната опера и балет во режија на Дејан Пројковски, а под диригентската палка на Сашо Тататрчевски. Музички соработници се Дамир Имери и Владимир Костов а ќе настапи и голем камерен оркестар. Водители ќе бидат Живкица Каленикова и Огнен Јанески.

Овој концерт вечерва не е само сеќавање, тој е празник на звукот, поклон пред мајсторот и продолжување на неговиот ритам. Од Битола тргна со замислата да создава музика, но создаде нешто многу повеќе. Создаде звук што стана дел од нашиот идентитет. Ги создаде „Летај галебе“, „Кога те нема“…дела што и денес ја раскажуваат историјата на македонската музика.Ова е вечер за човекот што ја претвори македонската песна во колективна меморија.

На концертот, во чест на големиот маестро настапија Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Sugiya Makonami. Како гости ќе настапат и Љупчо Мирковски и Бобан Мирковски.

Ова е важен концерт за нашето семејство, бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Кире беше човек кој живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за нивната посветеност и ангажман. – вели Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на маестро Костов.

Во чест на Кире Костов е издадена монографија „Летај Галебе“ на авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски, која имаше две промоции, во Битола и Скопје, а имаше и своја уникатна радио промоција на брановите на Радио Бубамара.

„Летај Галебе“ не е само уште еден концерт, туку настан што ќе врати публиката во времето кога песните се создаваа со душа. Кире Костов создаде повеќе од 700 песни што го обликуваа звукот на неколку генерации. Од безвременските хитови „Летај галебе“ и „Кога те нема“, до големите фестивалски композиции и оркестарски дела, неговото творештво претставува темел на современото македонско музичко наследство.

Со својот уникатен спој на џез, поп и народни елементи, маестро Костов остави духовен и културен печат во нашата музичка историја.

Поврзани вести