Skip to main content

Хамас пронашол уште две тела на заложници во Газа

МИА архива

Палестинската милитантна организација Хамас соопшти дека пронашла тела на уште двајца заложници во Појасот Газа.

Вооруженото крило на групата, Бригадите Ал-Касам, го објави ова доцна синоќа на својот Телеграм канал, објавувајќи ги и имињата на двајцата заложници. Не беше јасно дали телата ќе бидат предадени на Израел преку ноќ.

Израелските медиуми обично не ги објавуваат имињата на заложниците сè додека телата не бидат формално идентификувани и семејствата не бидат известени.

Претходно, Хамас соопшти дека ќе го одложи планираното предавање на друго тело поради обновената ескалација на насилството во Појасот Газа.

Бригадите Ал-Касам изјавија дека одложувањето е одговор на „прекршувањата од страна на окупаторот (Израел).“

Телото е пронајдено за време на операциите за пребарување во тунел на југот од Појасот Газа, соопштија од организацијата, додавајќи дека новите израелски напади ги попречуваат пребарувањата и предавањето.

Израел изврши нови воздушни напади во Појасот Газа вчера, речиси три недели откако започна прекинот на огнот во конфликтот.

Министерот за одбрана Израел Кац изјави дека владата реагирала на нападот на Хамас врз израелските војници, како и на одложувањата во договореното предавање на останките на заложниците. Хамас негираше одговорност за нападот врз војниците.

Поврзани вести