Skip to main content
Германскиот безбедносен концерн ќе гради фабрика за барут и муниција

Радев за договорот со „Рајнметал“: Владата е одговорна за заштита на бугарскиот национален интерес

Параметрите на договорот со германскиот технолошки концерн „Рајнметал“ и начинот на кој тој го штити бугарскиот национален интерес е целосно одговорност на Владата, изјави претседателот на Бугарија Румен Радев пред новинарите во Ријад, Саудиска Арабија.

Бугарската држава и германскиот технолошки концерн „Рајнметал“ официјално го објавија почетокот на проектот за изградба на фабрика за барут и муниција. На церемонијата во Министерскиот совет, потписи на договорот ставија главниот извршен директор на „Рајнметал“, Армин Папергер, и директорот на одделот „Оружје и муниција“ на концернот, Роман Коне. Од бугарска страна, договорот го потпиша извршниот директор на „Вазовски Машиностроителни Заводи“ (ВМЗ), Иван Гецов.

Мој приоритет секогаш било градењето современи одбранбени капацитети за бугарската армија и развојот на силна, конкурентна бугарска одбранбена индустрија. Токму со таа цел, на почетокот на оваа година, одржав средба со Армин Папергер за време на Минхенската безбедносна конференција. Го убедив да дојде во Бугарија, го поканив во претседателската институција, каде што навистина го претставивме целиот спектар на можности на нашата одбранбена индустрија. Му организирав средби со бугарската Влада. Треба да имаме нови технологии и партнерство со нашите стратешки партнери, но очекувам да биде заштитен и бугарскиот интерес. Тоа е одговорност на Владата – како потпишува такви спогодби и како ги спроведува, посочи Радев, пренесува БТА.

Претседателот на Бугарија во Ријад учествува на меѓународниот форум „Иницијатива за идни инвестиции“ на покана на престолонаследникот и премиер на земјата, Мохамед бин Салман. Претходно во текот на денот, тој учествуваше и на дискусија на тема „Која е вистинската цена на економската безбедност“ и се сретна со министерот за трговија на Саудиска Арабија, Маџид бин Абдула ал Касаби, и Ричард Атиас, претседател на Извршниот комитет на FII Institute. 

Поврзани вести