Skip to main content
Јована Јанкулоска, оперска пејачка

Се гледам себеси на оперските сцени низ светот

Љубителите и почитувачите на француската музика и култура ќе имаат уникатна можност да уживаат во магична музичка вечер на 26 декември во Музејот на македонската борба. Младата и талентирана Јована Јанкулоска ќе го одржи својот прв самостоен концерт под наслов „Désir d’amour“ (Љубовен копнеж).

Темата на концертот е љубов, а француската музика е мојата инспирација уште од детството. Со овој концерт го заокружувам еден важен период од мојот музички развој и кариера, вели Јована .

Концертот ќе биде вистински омаж на француската музика и ќе вклучи осум внимателно избрани композиции на француски јазик, кои ја обележаа десетгодишната музичка кариера на Јована, поточно „Voilà“ – победничка на италијанскиот онлајн натпревар Sopravista (2021), „Je t’aime encore“ – награда од Performer Cup Macedonia (2023), „Je suis malade“ – прво место на државниот натпревар по соло пеење организиран од ЗМП (2023), „Hymne à l’amour“ – добитничка на Thalia Award (2024), „Mon Amour“ – лауреат на престижните натпревари Thalia Award и Angel Voice (2024).

Ова е мојот прв голем проект и зад него стои голема љубов и труд. Сите песни кои ќе ги изведам се посебни за мене бидејќи ми донесоа многу награди и ме инспирираа да го градам својот пат. Се надевам дека ќе создадеме вечер полна со емоции и љубов, вели Јанкулоска.

На концертот, Јована ќе биде придружувана со пијано од нејзината професорка Лиле Анастасова, додека поддршката и менторството од професорката по соло пеење Гонца Богоромова Краповски е неизмерно значајно за овој проект.

Со повеќе од 30 награди освоени на домашни и меѓународни натпревари, Јована Јанкулоска е еден од најголемите млади музички таленти во Македонија. Од настапи на фестивали во Шпанија, Полска, Малта, Италија и многу други земји, па сè до активни подготовки во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Јована чекори кон остварување на својот сон – да стане светски призната оперска пејачка.

Во пресрет на настанот, разговаравме со Јована за нејзиниот пат, инспирацијата и очекувањата од концертот.

Концертот е насловен „Désir d’amour“. Од каде идејата за ваков наслов?

Темата „Désir d’amour“ – што значи „Љубовен копнеж“ – ја избрав бидејќи љубовта е нешто што допира до секого. Француската музика ми е близок белег уште од детството, кога на четири години ја научив „Dernière Danse“ од Indila. Оттогаш па сè до денес, француската музика е моја страст и инспирација. Со овој концерт заокружувам десет години посветена работа на пеењето.

Се најавува вистински омаж на француската музика. Што можат посетителите да очекуваат на концертот?

Публиката ќе ужива во осум внимателно одбрани песни на француски јазик, меѓу кои „Voilà“, „Je t’aime encore“, „Je suis malade“, „Hymne à l’amour“ и „Mon Amour“. Овие композиции ми донесоа големи успеси на домашни и меѓународни натпревари, како што се „Sopravista“ во Италија, „Thalia Award“ и „Angel Voice“.

Вие сте наградувана изведувачка, добитничка на повеќе од триесет награди на меѓународна и на домашна сцена . Колку значат наградите во вашиот музички развој?

Секоја награда ми е посебно значајна бидејќи е признание за трудот и љубовта што ја вложувам во музиката. Тие ми даваат мотивација да продолжам и да сонувам поголеми соништа. Но, најголема награда е поддршката од моите професори, семејството и пријателите.

Како изгледаат подготовките за Вашиот прв соло концерт?

Подготовките се интензивни и бараат голема посветеност. Имам среќа што со мене работат прекрасни ментори – професорката по соло пеење Гонца Богоромова Краповски и професорката по пијано Лиле Анастасова, која ќе ме придружува на концертот. Нивната поддршка, како и љубовта од моето семејство, се клучни за успехот на овој проект.

Ве сметаат за еден од најголемите млади музички таленти во Македонија. Кои се вашите идни музички планови?

Се гледам себеси на оперските сцени низ светот. Мојата најголема желба е да станам позната оперска пејачка и да ја претставувам Македонија на највисоко ниво.

Што би и порачале на публиката што ќе дојде на вашиот концерт?

Сакам да ги поканам сите љубители на музиката и француската култура да бидат дел од оваа магична вечер. Верувам дека заедно ќе создадеме моменти полни со емоции и инспирација. Ве поканувам на 26 декември 2024, од 20:00 часот во Музеј на македонската борба, влезот е бесплатен.

Поврзани вести