Kлучот на овие избори е во излезноста. Се обраќам до неопределените и оние кои сè уште се двоумат. Сме поминале секакви историски премрежија, транзиции, приватизации, конфликти. Вашиот глас сега ѝ е потребен на Македонија и за иднината на вашите деца. Седењето на страна ќе им помогне на оние кои Македонија ја сакаат слаба и подложна на секакви влијанија, истакна лидерот Мицкоски на крајот на завршниот митинг во Охрид.
Сакаат да ја држат уценета за своите лични кариери. Гласајте за луѓе кои ви нудат иднина и знаете дека ќе градат и работат. Со сите грешки и пропусти, искрено ја сакаме Македонија и знаеме да се поправаме, да работиме и да гарантираме успеси. Не го трошете ве молам вашиот глас за помалите партии и политички егзибиционисти. Тоа е изгубен глас и така се казнувате себеси. Гласајте за оној кој вистински може да го промени системот, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на крајот на митингот во Охрид.
Се обраќам освен на Македонците, и на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, Египќаните…
Имаме едно семејство, осудени сме да живееме еден со друг и да се помагаме едни со други. Делиме исти таги, среќи и подвизи, надежи и копнежи. Излезете и гласајте за главната сила која може да ви го промени животот. Гласајте за ваш човек во општината. Сите вие гласајте и да им одржиме лекција на оние што сакаат да ве излажат и потценат. Направете го вистинскиот избор.
Тоа е изборот да се оди по тежок пат, но да се оди со чиста совест. Ова е изборот на мојата генерација. На таа која се надеваше, а денес имаме должност за генерациите по нас. Да се избере вистината, и кога лагата е попријатна. Да се избере работа, и кога ветувањето изгледа полесно.
Да се направи вистинскиот избор значи да се избере достоинството пред удобноста. Значи да се избере одговорноста пред изговорот. Значи да се избере делото пред зборот, нагласи Мицкоски.
Затоа, вистинскиот избор не е глас за некого. Тоа е глас за себе. За иднината, за децата, за Македонија што сакаме да ја видиме исправена и горда. И можеби токму во тоа е најголемата победа – да го направиме вистинскиот избор и да останеме луѓе што избираат со разум, но и со срце.
И кога ќе се свртиме еден ден наназад, ќе видиме пат полн со битки, со неправди, со падови и подеми. Но ќе видиме и нешто поголемо – народ кој никогаш не се предаде. Народ што секогаш повторно станува. Од камените темели на Крушево до знамето подигнато во АСНОМ, од пожртвуваноста на дедовците до надежта на младите денес – оваа земја никогаш не се покорила, и никогаш нема да се покори! Зашто не се бранат само граници – се брани достоинство. Не се чуваат само симболи – се чува идентитет. Не се гради само држава – се гради смислата на нашиот заеднички сон. И затоа, вечерва, стоиме исправени, како што стоеле и тие пред нас – со раце подигнати кон иднината и со срца полни со една мисла: дека вредеше. Дека секој чекор, секој ден, секој обид – беше за Македонија.
Земјо мила, овде започнува секоја приказна. Со првиот здив, со првиот чекор, со првата светлина.
И денес, овде, на оваа земја на која сме израснати, ја пишуваме новата страница од македонската приказна. Приказна за надежта што не згаснува, за луѓето што не се откажуваат, за народот што секогаш повторно станува. Затоа што секоја улица низ оваа земја има име, секое маало има спомен, секој дом има срце што чука за нашата заедничка татковина Македонија. И таа сила – тоа е нашиот заеднички глас! Гласот што ја крева земјата кога е тешко. Гласот што не дозволува да потонеме.Гласот што вели: Ќе успееме! Ќе истраеме! Ќе победиме! Да, вистинските промени не доаѓаат со празни зборови, туку со работа, со вера, со истрајност. Со луѓе што ја знаат тежината на животот, и што знаат дека надежта не се купува туку се гради! И затоа, вечерва, да се потсетиме: нашата иднина не е некаде далеку. Таа е тука, во нашите раце, во нашите срца. Во изборот што ќе го направиме.
Затоа во недела да го заокружиме бројот 19 и да го направиме вистинскиот избор! За твоето место! За твојот човек! За твојата иднина! И нека одекне низ целата земја — Ова е Македонија што станува! Ова е Македонија што верува! Ова е Македонија што победува! Нека живее Македонија – вистинскиот избор на сите нас! Да сте живи и здрави и да славиме победа, заврши Мицкоски.