
Независните кандидати поддржани од граѓанската платформа „Независни заедно“ за градоначалник на Скопје проф. Горан Марковски и за општина Центар Билјана Ивановска и носителите на советничките листи за Град Скопје Јана Белчева Андреевска и за Центар Јане Димески денеска на прес-конференција ги повикаа граѓаните да излезат в недела на локалните избори и да го дадат својот глас за нив. Очекуваат фер и демократски избори и мирен изборен ден.
Како и што почнав така и ќе завршам. Почитувани сограѓани Скопје се гуши, тоне во смет, се суши… Само заедно можеме да му помогнеме на Скопје да излезе од оваа агонија. Затоа гласајте за независен, стручен и чесен градоначалник. Заокружете број 128. Скопје има шанса, изјави проф. Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје. Рече дека е голем оптимист и смета дека резултатот ќе биде одличен.
Пред изборите порача дека кој било од кандидатите да го заземе местото градоначалник на Скопје да се зафати со сериозна работа за да можеме да го спасиме нашиот град. Смета дека Скопје може да се спаси, инаку вели не би се нафатил да биде кандидат за градоначалик.
Марковски рече дека се надева на фер и демократски избори. – Мојата кампања беше крајно мирољубива, без никакви напади, без ништо нечесно така што јас очекувам дека и изборниот ден ќе помине во една иста таква атмосфера, рече Марковски.
Јана Белчева, која е носител на листата на Советници, барајќи ја поддршката од граѓаните кажа дека очекуваат на изборите да освојат „доволен број советници за да бидат играч во советот“ кој ќе може да предлага сериозни одлуки, кој ќе може да ги споделува своите знаења, добрите европски пракси, ќе носи квалитетни одлуки, нема да блокира и конструктивно ќе делува.
Советот на Градот е едно клучно место за кое граѓаните можеа да се уверат како се носат одлуки политички за блокади и за недостоинствено живеење во градот или Совет кој ќе биде стручен, кој професионално ќе работи со стручни луѓе кои ќе работат во интерес на јавноста, на граѓаните, на здравјето а не на прфитот, во интерес на јавното добро и поради тоа ги повикувам граѓаните да гласаат за нас Независни заедно за да имаат витински претставници во Советот кои ќе се борат за нив и нивното спокојно, достоиствено живеење и да заокружат број 35, да му дадат шанса на Скопје да има ред, рече Белчева.
Билјана Ивановска, кандидатка за градоначалник на Центар рече дека во недела е можноста сите заедно јавно да и објавиме војна на корупцијата во Општина Центар.
Затоа излезете слободно, незвисно, самостојно, без опторетување и гласајте за нов избор, гласајте за промена, за градоначалничка оја е познат борец против корупција. Кога ќе ја победиме корупцијата ќе имаме пари за се. Затоа заокружете 149 за градоначалничка Општина Центар, рече Ивановска.
Нејзините очекувања се дека ќе имаме мирен изборен ден и дека како општество, се повеќе зрееме, дека граѓаните си ја разбираат својата граѓанска должност, обврска но и одговорност во донесувањето на одлуките и дека ќе има излезеност на гласањето.
Јане Димески, носител на советничката листа на Шанса за Центар Независни заедно во Општина Центар рече очекува дека ќе имаат градоначалничка овој пат која драстично ќе ги смени работите, а во однос на бројот на советици се надева дека граѓаните ќе им дадат поголема доверба за да бидат повеќе од тројца советници, колку што беа досега, за да можат своите иницијативи да ги реализираат во овој мандат.
Имаме општина со загаден воздух, имаме општина која е валкана, имаме општина со неуредена урбана инфраструктура, имаме општина која повеќе служи како шалтер за издавање на градежни дозволи и како место за партиски вработувања наместо како сервис за граѓаните. Ако на граѓаните тоа им одговара тогаш ништо, а ако сметаат дека им е потребна драстична промена за која ние се залагаме, тогаш нека заокружат бројот 39, Група избирачи Јане Димески да ги поддржат независните во Центар, рече тој.