Skip to main content

„ПМГ Рекордингс Фестивал 14“ од 16-18 октомври во Јавна соба и МНТ: Тридневен музички настан, кој носи современа фузија на електроника, поп, поезија и трап

Од 16 до 18 октомври, љубителите на новиот звук ќе се сретнат во Јавна соба и МНТ, каде ќе се одржи „ПМГ Рекордингс Фестивал 14“ – тридневен музички настан, кој носи современа фузија на електроника, поп, поезија и трап.

Фестивалот започнува утревечер, 16 октомври, во 21 часот во Јавна соба, со настап на Александар Велики, кој ќе го отвори фестивалот со динамичен концертен настап со интелигентна мелодичност и танцова атмосфера.

Истата вечер ќе настапат и Donplaya & Prince$$ Donatsu, највлијателното трап-дуо од Битола, чии уникатен израз ги спојуваат музиката, уметноста, рапот и комедијата, оставајќи силен белег врз новата генерација.

Влезот на настанот е бесплатен.

Втората фестивалска вечер, на 17 октомври, ќе се одржи на малата сцена во МНТ со почеток во 20 часот и ќе биде посветена на електронската музика во дијалог со поезијата. L.O.V.D ќе ја претстави својата авторска електронска продукција во живо, додека Поетроника, проектот на Оливер Митковски и Андреја Салпе, кој во поетско-звучен амбиент на уникатен начин ја претставуваат македонската поезија придружена од електронска музика. Вечерта ќе ја заокружи Blackstate, со моќен настап што ги спојува синт попот, експерименталната електроника и хардкор-панк естетиката во моќен музички израз за сложените емоции на современото време.

Билети: mnt.mk

Големото финале следува на 18 октомври во Јавна соба, со настап на хрватскиот MANGROOVE – еден од најреномираните поп-состави во регионот, кои првпат ќе настапат пред македонската публика. Нивниот настап ќе биде кулминација на фестивалот, исполнет со енергија, свежина и емотивност. Вечерта ќе ја отвори Марија Каева, со својот електро-поп настап преполн со синглови и мелодии од албумот „Фортуна“.
Билети: bileti.drugastrana.mk

„ПМГ Рекордингс Фестивал“ го основа Мирко Попов во 2008 година. Со 13 реализирани изданија, фестивалот ја поддржи и промовира новата и квалитетна музичка продукција. Подготовките за 14-то издание започнаа во 2023 година со Попов, а годинашнава реализација е резултат на работата на тимот на фестивалот, заедно со музичарите и партнерите, со програма посветена на неговиот роденден.