Skip to main content

На 15 октомври стартува грејната сезона во Скопје за околу 66 илјади потрошувачи

Фрипик

Од 15 октомври официјално стартува грејната сезона 2025/2026 година за околу 66 илјади потрошувачи приклучени на системите за централно греење во Скопје, соопшти АД ЕСМ. Од нив, 65 илјади се домаќинства, а над 1.000 се деловни објекти, училишта, болници и градинки.

Испораката на топлинска енергија ќе се регулира според временските услови – повеќе греење при пониски температури и намалување кога времето е потопло. Ако температурите достигнат утврдени гранични вредности, системот привремено се исклучува, а повторно се активира при пад на температурите.

Од 13 до 17 октомври се најавува прекин во снабдувањето со природен гас поради ремонт на регионалните гасоводи и „Турски тек“. Сепак, од ЕСМ уверуваат дека количините ќе бидат доволни за непречена испорака на топлина. Можно е само минимално намалување на испораката во првите денови од грејната сезона.

Компанијата потсетува потрошувачите и заедниците на сопственици навреме да ги отстранат дефектите на внатрешните инсталации, да обезбедат електрично напојување на топлинските станици и да овозможат пристап на екипите при интервенции. Состојбата со објектите кои привремено немаат греење се објавува на веб-страницата на ЕСМ Снабдување.

За пријави на дефекти и дополнителни информации, граѓаните можат да се јават на телефонските броеви 02/3076-200, 075/400-100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на 02/3104-816 и 02/3104-872.

Поврзани вести