Skip to main content

Почина оскаровката Дајан Китон – Модна икона што ја наметна тенденцијата за машки стил во женската мода

Американската актерка, оскаровката Дајан Китон, која стекна слава со улогата во филмот „Кум“ и „Ени Хол“ и по соработката со режисерот Вуди Ален, почина на возраст од 79 години, објави синоќа списанието „Пипл“ (People), повикувајќи се на изјава од семејството.

Актерката починала во Калифорнија, а членовите на нејзиното семејство побарале приватност во овие тешки моменти.

Дајан Китон испиша голема приказна во кинематографијата, не само кака славна актерка, туку и како режисерка и продуцентка. Причината за смртта засега официјално не е објавена, но според американските медиуми, Китон во последните месеци од животот доживеала ненадејно влошување на здравствената состојба. Нејзините најблиски пријатели и соработници не биле запознаени со сериозноста на нејзината состојба.

Познато е дека Китон во минатото отворено зборуваше за своите здравствени проблеми, вклучувајќи борба со булимија и со рак на кожа. Сепак, не е познато дали овие болести имале влијание врз нејзиниот последно влошување на здравјето.

Нејзината смрт предизвика бројни реакции низ уметничкиот свет. Бет Мидлер ја опиша Китон како „блескава, убава и извонредна“, додека Леонардо ди Каприо истакна дека била „единствена“.

Родена како Дајан Хол на 5 јануари 1946 година во Лос Анџелес, таа зад себе остави повеќе од половина век извонредна кариера.

Китон не беше само актерска легенда, туку и модна икона што ја наметна тенденцијата за машки стил во женската мода.

Блескава кариера

Светската слава ја стекна со улогата на Кеј Адамс, свршеницата, а потоа и сопруга на Мајкл Корлеоне (Ал Пачино) во култната трилогија „Кум“ на Френсис Форд Копола.

Иако многумина веруваа дека филмот ја отсликува нивната врска, Китон изјави во интервју за „Њујорк тајмс“ дека „не е вистина, но има елементи на вистина“.

Љубов, пријателство и скандали

Китон и Ален имаа кратка романса во 1960-те, но останаа блиски пријатели цели шест децении. Дури и по обвинувањата против Ален за сексуално злоставување на неговата посвоена ќерка, актерката јавно го поддржа, изјавувајќи дека „верува во неговата невиност“. Оваа позиција предизвика бројни реакции и критики во јавноста.

Во приватниот живот Китон никогаш не се омажи, иако имала врски со славни актери како Ал Пачино и Ворен Бити. Таа изјавуваше дека не е подготвена за компромисите кои ги бара бракот. Наместо тоа, се посвети на својата кариера и на посвоените деца – ќерката Декстер и синот Дјук, кои ги одгледуваше сама.


Покрај актерството, Дајан Китон беше режисерка, продуцентка, писателка и фотографка. Нејзините мемоари Then Again (2012) станаа бестселер во САД.

Модните магазини пак, ја славеа нејзината уникатна елеганција, беше препознатлива по белите кошули, по шапките и костумите со машки крој кои останаа нејзин заштитен знак.