Skip to main content

Стартува реконструкцијата на спортската сала на УКИМ: Министерот Ристовски го означи стартот на проектот 

Министерството за спорт ја отпочна најавената реконструкција на спортската сала во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со ректоратот на УКИМ, како дел од програмата за изградба и санација на спортската инфраструктура. Инвестицијата за овој проект изнесува 54 милиони денари.

Салата, која е наменета првенствено за студентите, со години беше запуштена и нефункционална. „Ова не смее да биде лицето на спортот во Македонија!“, порача министерот за спорт, Борко Ристовски, по увидот во состојбата на објектот.

УКИМ подготви целосен проект за реконструкција и го достави до Министерството за транспорт и врски за одобрение. На почетокот на октомври годинава, Министерството за спорт ја отпочна тендерската постапка за избор на изведувач.

„Ветувањата имаат тежина само ако ги остварувате. Ветувањето за комплетна реконструкција и санација на спортската сала на УКИМ добива конкретна реализација“, истакна Ристовски.

Реконструкцијата ќе трае 15 месеци од денот на вовед во работа на изведувачот, а студентите наскоро ќе добијат комплетно нова и модерна спортска сала.

Поврзани вести