Skip to main content

Опасноста наречена – бугарски пасош

Freepik

Веќе цели 30 години по распадот на Југославија, нашата Македонија минува низ страшни голготи кои не само што воопшто не се случајни, туку се и вешто менаџирани. Инаку, како може речиси сите – а) долго да не те признаваат како независна држава; б) да ти го оспоруваат и суспендираат уставното и историско име, и да ти наметнуваат референца како супститут; в) да те уценуваат да преговараш и да ги менуваш и името и идентитетот; г) да ти организираат агресија од Косово, за да ти албанизираат дел од територијата; д) да те присилуваат да потпишуваш понижувачки и предавнички договори; ѓ) да те тераат да исполнуваш туѓи платформи…

Да не набројуваме сѐ, а има колку сакаш. Сепак, ќе додадеме уште нешто, што до сега не било прецизно артикулирано. Тоа се бугарските пасоши. Приказната за нив, воопшто не е наивна. Напротив, силен е впечатокот дека проектот има важна улога во сценариото за затворање на „Македонското прашање“. Веќе е очевидно дека немаат друг и полесен начин за да нѐ сотрат, отколку да нѐ бугаризираат. Сегашната агресија од Софија е најдобар доказ за тоа.

Што мислите, зошто толку долго Македонија не ја примаат во ЕУ? Зашто со години ЕУ не ни даваше визна либерализација? Или, зошто ЕУ очигледно намерава уште долго да не држи во чекалната? Причините се бројни ама една е неспорна – да се натераат што повеќе Македонци да земаат бугарски пасоши! Речиси со сигурност може да се тврди дека е тоа важен дел од прецизна политика за бришење на македонскиот народ.

Ако не беше така, зарем ќе беше можно Брисел да се прави на удрен кога Софија масовно ни продаваше пасоши? Барем бесплатно да ги делеше! Одговорно може да се тврди дека тоа се толерираше – плански. Тие, заедно го реализираа процесот на разнебитување на нашиот народ, ама со – самофинансирање! Секоја им чест!

Секако дека има и наша вина. Сите беа свесни што се случува, ама не се реагираше. Не алармиравме, а моравме. Порано, веројатно и не можеше да се согледа мозаикот, и затоа никому не му беше целосно јасна позадината со пасошите. Со оглед на улогата која во нашето уништување ја имаат соседите, таа беше уште потешко да се детектира. Соседите се пиони во рацете на џелатот, ама со сериозни сопствени интереси, коишто играат важна улога. Тешко беше да се прочитаат намерите, бидејќи зад проектот се кријат и врвни светски планери. Брисел секако не беше носител на таквите политики ама, заедно со Софија – ги спроведуваше! Сѐ стана видливо последниве години, откако Бугарија и Унијата го наметнаа ултиматумот за промена на Уставот.

Соседите, со свои ментални трауми, историски синдроми и средновековни амбиции, додаваат грутки сол на нашата рана. Создаваат тежок привид и затоа не знаеш ниту од каде, уште помалку од кого прво да се браниш. Трагедија е што Унијата, којашто треба и мора да биде носител на вистинска демократија, правда и општи принципи, е обична ама и срамна алатка во туѓи раце. Проблемот е што Брисел нема никогаш да има своја надворешна и безбедносна политика, и тоа е хендикеп којшто сериозно ќе влијае врз иднината на Унијата.

После повеќе од 30 години на независна Македонија, мора да ни биде јасно дека светот (не само Унијата!) не е спремен да нѐ прими такви какви што мнозинството во државата сме – како Македонци. Околу тоа веќе не смееме да имаме никакви дилеми. Потребена е болна наивност за работите да не се согледуваат какви што сѐ, се разбира доколку таа не е – платена! Од надвор, де, а често – е! Во Грција имаше афера дека нивното МНР потрошило дури 150 милиони евра за да нѐ прекрстат. Што мислите, каде? Веројатно во Кина!

Денес, бугарските пасоши се наш сериозен проблем. Еден од најдобрите докази за тоа е новата бугарската агресија врз Македонците во Албанија, што веќе се повторува и на Косово. Тоа потврдува дека сѐ е планирано. Со катастрофалниот попис во Албанија, за што нашиот амбасадор беше непотребно помилуван од власта, веќе е официјално потврдено дека таму има повеќе Бугари од Македонци! Бидете уверени дека ќе ги има сѐ повеќе. Додека нашите власти влечат крајно погрешни потези (ја подржуваат партијата на Илир Мета, на пример, место македонската!) бугарските знаат што прават и масовно – бугаризираат!

Проблемот е политички ама и безбедносен. Врз основа токму на пасошите, Радев јавно ги прогласи резултатите од пописот за нерегуларни, и изјави (Инфомакс, 31/3/2022) – „Тоа е уште еден доказ за обесправените Бугари во Македонија, кои не смеат јавно да се изјаснат што се, во ситуација кога над 120 илјади лица се докажале со документ дека се по потекло Бугари“! Според „360 степени“, од 31/3/2022, тој до објаснил – „Ова е уште еден доказ за беззаконието во Македонија“!

Радев најави и дека во процедура на издавање на пасоши се уште 50 илјади барања од Македонија. Ете, токму и заради тоа, ние остануваме во чекалната на ЕУ.

Нормално е секој носител на бугарски пасош во земјава, да има и свое семејство. Нека тоа бидат уште само по двајца, коишто, нели, по логиката на нештата, мора исто така да се Бугари. Тоа значи дека ги има најмалку 360 илјади!

Се сомнева ли некој дека уцената на Софија за промена на Уставот, е токму заради овие коишто, по нивни пресметки, сигурно се и 500 илјади Бугари во Македонија? Колку и Албанците, де! Тоа значи дека Охридскиот рамковен договор ќе мора да важи и за нив! Најмалку!

Но, тоа е само нивната почетна заложба. Во детали нема да одиме, ама мора да ни биде јасно дека крајната бугарска цел е да докажат дека сите, коишто не сме Албанци, Срби, Турци, Власи… – сме токму „Бугари“. Сѐ друго е само предигра. Ниту имало Македонци за Софија, а уште помалку ќе ги има.

Ова покажува дека Македонија мора официјално да го отвори прашањето на нелегално делење, поточно продавање на бугарски пасоши на наши граѓани. Треба да се покрене соодветна постапка во ЕУ, а може и во НАТО, заради безбедносната димензија. Со меморандум, мора да им се објасни зошто Софија така масовно им дели пасоши на Македонците, иако голем дел од нив тоа добро го знаат. Сепак, добро е да се потсетат на причините и да се бара соодветна реакција.

И дома треба да се преземат одредени мерки, за тоа да се спречи. Какви, треба да се размисли. Може да се отвори силна кампања против земањето на бугарски пасоши и да се контролираат сите понуди на интернет. Може да започне и кампања за враќање на бугарските пасошите. Сигурно има доста на кои повеќе не им се потребни. Работеле на Запад и дефинитивно се вратиле.

Ако некои работи не можат да се вратат назад, со ваквите наши исчекори, барем, ќе ја присилиме Софија максимално да ја намали оваа опасна пракса.

Речиси е апсолутно сигурно дека проширување на Унијата нема да има уште предолго време, можеби и 20 години. Исклучок е можен да се направи со Црна Гора, само за да се покаже дека проширување, сепак – има. И Албанија може да се надева, благодарејќи на огромната поддршка која ја ужива од САД, што е, сепак, многу понеизвесно од Црна Гора.

Со бугарските блокади и уцени, пак, нам мора да ни биде јасно дека Македонија нема никогаш да стане членка. Ако не прифатиме дека сме неосвестени „Бугари“, со јазик дијалект, ќе биде големо светско чудо доколку бугарското Собрание го ратификува нашиот пристап во ЕУ.

Ова се факти дека атрактивноста на бугарските пасоши останува сериозна закана за иднината на Македонија. Тоа е реалноста. Ако сега одлучно не расчистиме со бугарските фантазмагории, ако не ги анулираме ултиматумот за промена на Уставот и преговарачката рамка, којашто таква каква што е нема никогаш да ја апсолвираме, алот ни е во калот.

Првиот чекор кон решение е само еден – што поскоро да се откаже вториот протокол со Бугарија, потпишан од Б. Османи. Сѐ друго може да биде само тактика и – губење време.

Поврзани вести