Skip to main content

Се гради објект за педесетина стари автомобили на колекционерот Дионис Пашлаков за кој беше снимен и филмот „Со љубов“

Се гради објект за педесетина стари автомобили на колекционерот Дионис Пашлаков за кој беше снимен и филмот „Со љубов“. Оваа информација ја потврди денеска за МИА, неговата сопруга Грозданка. Таа појасни дека по четири години од неговата смрт, семејството Пашлакови го исполнува неговиот аманет и гради современ музејски простор од околу 450 квадратни метри.

На едно место ќе собереме реставрирани стари автомобили и други превозни средства, моторцикли, едрилица – авион и змај, што тој со децении ги чуваше и заштитуваше. Објектот ќе биде споен со семејната работилница за слатки работи. На тој начин, туристите кои доаѓаат ќе можат да ги видат неговите експонати, но и да си купат слатки сувенири, инспирирани од нашето поднебје и регионот, рече таа.

Притоа, подвлече дека и сега, неговите автомобили на кои им посвети голем дел од својот живот, се доста привлечна дестинација во Неготино, за туристи од целиот свет.

Со ова сакаме да заокружиме убав модерен туристички комплекс, што има уште многу други изненадувања за во иднина, сподели сопругата на колекционерот, кој работниот век го помина како професор по биологија.

Пензионираниот професор Пашлаков беше познат по големата колекција од над 100 стари автомобили и по неговата љубов кон нив. „Со љубов“, документарецот за него и неговата страст, што како деби го режираше неговиот поранешен ученик Илија Цветковски, по сценарио на наградуваниот документарист Атанас Георгиев, на 19 август 2017 го отвори фестивалот МакеДокс во скопски Куршумли ан. На македонската премиера публиката со огромна почит го испрати филмот и го поздрави Дионис, неговата сопруга Гордана и ученици од неговиот клас.

Пашлаков успеа да отвори музеј за својата колекција олдтајмери, во која има 108 коли, 61 моторцикл, една едрилица и еден булдожер.

Тоа е културно-историско наследство, и се радувам што после овие 25 години работа и често потсмевање од околината, успеав да ја зачувам колекцијата на едно место и да направам атракција за Неготино, во ова време кога материјалното преовладува над соништата, рече на премиерата Палашков.

Поврзани вести