Skip to main content
ЛИЧНОСТ НА НЕДЕЛАТА

И на Дон Жуан да личи, Васко секој ден се бричи

„Кој сè раководел и одлучувал со фискална мотивација за нашите животи“ ќе рече адвокатот Владимир Туфегџиќ, зборувајќи новите лица на американската „црна листа“, меѓу кои е и Артан Груби. Имајќи предвид дека иако се повлече од јавноста „чист како солза“, ова арогантно олицетворение на сè што не чини во Македонија сигурно повторно ќе заслужи да се најде во рубриката, ќе ја искористиме мислата на адвокатот Туфегџиќ да ja опишeме и оваа несреќа од „Личност на неделата“, наречена:

Васко Ковачевски

Васко Ковачевски е класичен пример на гол полжав кој со лигавење полека стигнал до „горе“. За него, тоа беше титулата директор на ЕСМ и РЕК „Битола“, како и пратеник на СДСМ. И секако, поет непризнаен од своите дома.

Неговиот подем почна во 2016 година, кога понесен од емоциите на „Шарената револуција“, го пишува епот за Зоран Заев, тогашен лидер на СДСМ.

Да бевме нормална држава, после ова никогаш повеќе немаше да го чуеме името Васко Ковачевски. Но, нејсе, што е тука е.

Васко во 2019 станува директор на АД ЕЛЕМ. Тоа е година во која од празен анкетен лист, тој се пополнува со два деловни простори во Битола, два стана во градот, двор и земјиште. Додека во 2020 година тој купува и џип од марката „сеат“.

Имотот кој што Ковачевски го стекнал од 2019 година до сега, а го пријавил во својот анкетен лист е со вредност од над 26 милиони денари, односно околу 450.000 евра. Иако Ковачевски во анкетниот лист навел дека имотот го стекнал по пат на наследство, сомнително е што тоа се случува во годината кога тој е избран за директор во АД ЕЛЕМ, каде доаѓа од позицијата генерален директор на РЕК Битола, од каде преку разни фирми Заеви црпеа пари преку милионски тендери, ќе рече пратеникот Миле Лефков.

Додека неговиот анкетен лист се полнеше, македонските граѓани во негов мандат плаќаа најскапа струја во регионот. РЕК Битола постојано работеше со нестабилни блокови, па се будевме со вести кој блок работи тој ден, а кој не. Тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ постојано предупредуваше дека таму се случуваат матни зделки со матни фирми.

Тоа не беше пречка за нашиот директор да не ужива во животот, па да го гледаме на фотографии како оваа горе главнава.

Пролетта 2023 година, Ковачевски од нигде никаде одлучува да се повлече од директорското место, како и секој претставник од видот глодари што го напуштаат бродот први. Ќе рече „заминувам, за да му се посветам на семејството“, на што неговата сопруга ќе го потсети – имаш возрасни деца.

Кога сме кај тие деца, и тие „случајно“ се најдоа во енергетскиот бизнис. Па, така, фирмите на Никола Ковачевски, работеле турбо откако татко му поднесе оставка.

Фирмата Елтек Доо увоз-извоз Скопје, во која самиот Васко Ковачевски има удел од 10 отсто, а неговиот син поседува 90 проценти, работи на проектирање и изградба на трафостаници, но и на фотоцентрали и хидроцентрали.Приходите во 2023 се зголемиле за 78 отсто. Забележаниот приход е 525.000 евра, а добивката е зголемена за 2099 отсто, односно изнесува 92,3 илјади евра.Со слична дејност е и фирмата Елтек Градба Скопје, каде што Никола Ковачевски е единствен сопственик. Приходите се зголемиле за двојно повеќе минатата година и изнесуваат 569.000 евра. И добивката во 2023 бележи раст од 1.076 проценти, а заработката е 121.000 евра, пишува „Фактор“.

А, каде е сега Ковачевски? Засега е непознато од кој дел на планетата му се посветува на семејството. Тој е недостапен за органите на прогонот, откако намириса дека кончено ќе биде гонет за криминалите од неговото директорување.

Имено, во голема акција на полицијата во координација со Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во Велес, Неготино, Битола, Кичево и Скопје се апсеа лица осомничени за проневера на службата околу набавката на адитиви за РЕК Битола и РЕК Осломеј. Според проценките, направена е штета и стекната противправна имотна корист од 6,5 милиони евра.

Со акцијата „Адитив“ се опфатени вкупно 29 лица, меѓу кои првоосомничен е токму нашиот Васко Ковачевски, кој се товари за несовесно работење во службата.

Организирана група на високи претставници на РЕК Битола и лица кои управуваат со други правни субјекти. Постои основано сомнение дека лица се здружиле и направиле криминал од 6,5 милиони евра, многу докази се најдени, но тоа ќе го оставам на обвинителството и судовите. Тоа што е најдено е навистина загрижувачки. Знам дека бевме обвинувани дека многу малку органите на прогонот превземале чекори во насока на обезбедување на лица кои се организирале или индивидуално постојат сомневање дека сториле криминал. Ние баравме трпение бидејќи мора да имаме јасна процедура и докази, но и да соработуваат двата клучни столба, а тоа се обвинителството и судството. Таму се уште постојат структури кои се повеќе лојални на претходната влада отколку на правдата. Како да гледам полека во последно време, се повеќе се приближуваат да и бидат лојални на правдата отколку на тие на кои претходно им слугувале, ќе рече премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за акцијата.

Затоа што веќе ја имавме таа клета судба вакви ликови да ни бидат дел од секојдневието, ако веќе мора да продолжиме да ги гледаме, нека биде со вакви убави вести од МВР, ОЈО и Кривичен.

*Насловот е изменет стих од песната „Ацо Кабадаја“, соодветен за нашиот битолски поет.

Подготви: М.М.

Поврзани вести