Skip to main content

Ѓорѓиевски: Немам прецизна информација дали на Градот ќе му бидат одземени ингеренциите за ЈСП Скопје

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски,изјави дека нема прецизна информација дали Владата планира да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје за јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје. 

Знам дека претседателот на Владата го изјави тоа. Знам дека размислуваат сериозно на таа тема затоа што ги засега сите скопјани и тоа не е единственото прашање кое во моментов предизвикува голгота за скопјани. Имаме проблем со Комуналната хигиена, со нефункционалноста на Паркови и зеленило, и за жал за првпат во историја со нефункционалноста на Водовод и канализација, посочи Ѓорѓиевски во одговор  на новинарско прашање пред почетокот на Генералното собрание на ЗЕЛС.

Како што дополни Шорѓиевски, такво нешто досега не се случило во изминатите 30 години во државата.

Како Управен одбор на ЗЕЛС, до крајот на оваа година ќе имаме состанок со Владата и со претседателот на Владата и верувам дека и ова прашање ќе го отвориме, ќе разговараме за тоа, но подетални информации поврзани со тоа немам, рече Ѓорѓиевски.

Прашан дали проблемите со донесувањето на буџетот на Град Скопје за 2025 година може да предизвикаат блокада и на останатите општини во градот, Ѓорѓиевски рече дека тоа прашање ќе се разгледа на денешното Генерално собрание на ЗЕЛС.

Арсовска во принцип од моментот кога е променета од позицијата Претседател на ЗЕЛС многу ретко, да не речам и никогаш не учествува во работата и функционирањето на ЗЕЛС и тоа е нејзина одлука. Но, денеска е присутен претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески и секако дека ќе разговараме за тоа. Ќе барам од Славески да елаборира за состојбите и откако ќе ги добиеме сите релевантни информации соодветно ќе бидете информирани, рече Ѓорѓиевски.

Поврзани вести