На настанот „Убаво е да си херој“ што денеска се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје петстотини волонтери пуштија петстотини златни балони во чест на децата кои се лекуваат од малигни болести.

Настанот беше организиран од невладината организација САНО и Универзитетската клиника за детски болести, а присуствуваа директорката на Клиниката за детски болести Наташа Најдановска Алулоска и министерот за здравство Венко Филипче.

Трендот од минатата и сегашната година е ист, 35 до 40 деца во годината се дијагностицирани со малигни заболувања, од кои 40 проценти се леукози – изјави директорката на Клиниката за детски болести.

„Златен септември“ е глобална кампања за подигнување на свеста за карцином кај деца и адолесценти и проблемите со кои се соочуваат, со цел јавноста подобро да ја разбере болеста и да ги ослободи децата од предрасуди, истакнаа од Клиниката за детски болести.

Златната лента е симбол за поддршка на децата болни од рак и нивните родители. – Златната боја е боја на силата, храброста и упорноста, и е симболична боја за нашите мали, големи херои, велат од Клиниката за детски болести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.