Петнаесет проценти од одредената сума во буџетот, предвидено за зголемување на платите во здравствениот систем да биде линеарно за сите или пак да има зголемување на денарската противвредност на коефициентот, што сега изнесува 13.352 денари, бараат од Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС).

На второ место е барањето три отсто да им се исплатат на сестрите и да најдеме начин да ги заштитиме нашите сестри во приватниот сектор. Ако не се оствари барањето најавуваме дека ќе се организираме со службена непослушност. Се надеваме дека нема да дојдеме до такво нешто и ќе го искористиме моментот до потпишувањто на договорот да успееме нашите сугестии да бидат прифатени, истакна денеска претседателот на ЗМСТАС, Гордана Бешлиовска во врска со предлог договорот меѓу Синдикатот и Министерството за здравство за покачувањето на платите на медицинскиот персонал.

Таа посочи дека недоисплатеното процентуално зголемување, што било претходно најавено, а сестрите во здравствените институции не го добиле, е едно од најголемите причини за назадоволството во моментот.

Сега, нагласи таа, сме затекнати од овој договор во кој повторно сме истретирани како ние да не придонесуваме во првите редови во работата во здравствениот систем.

Во овој момент, ние сме сведоци на конкурси исклучително со средна стручна спрема во сите здравствени институции. Една нововработена сестра во која било здравствена институција во примарно, секундарно или терциерно здравство ќе стратува со околу 16.500 денари до 17.000 денари личен доход. Тоа е само од вчерашната утврдена минимална плата за 1.000 или 1.500 денари. Што ќе ни се случи? Тоа се млади кадри, млади сестри кои после едукација од една година за тој личен доход не остануваат да се едуцираат, си заминуваат надвор од државата и повторно остануваме дефицитни на работните места, рече Бешлиовска.

Таа појасни дека медицинска сестра со 37 години работно искуство во примарното здравство има личен доход од 20.800 денари.

Според неа, ваквиот начин на зголемување на платите е нелинеарен и најавите за повисоки плати од 25 отсто на специјалистите и 10 отсто на медицинските сестри го зголемува јазот меѓу овие две професии. – Тие работат тимски и наместо соодносот лекар – сестра да биде 1:2 сега ќе биде 6:2, додаде Бешлиовска.

Во врска со медицинските сестри во приватниот сектор, таа рече дека капитациите на докторите во матичните амбуланти се зголемиле, а никој не се прашал дали на медицинските сестри некој им ги зголеми личните доходи.

Бешлиовска најави дека попладнево ќе имаат средба со Самостојниот синдикат за здравство, на која ќе бараат да бидат прифатени нивните барања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.