Преиспитување на одлуката за враќање на работа на хронично болните лица. Ова денеска од надлежните преку писмена реакција го побараа пациентите со карцином и нивните семејства обединети во Здружението Љубов сме-Jemi dashuri. Реакцијата следува откако Комисијата за заразни болести предложи хронично болните лица да се вратат на работа, а меѓу нив се и лицата со малигни заболувања. Од Здружението велат дека со оваа предлог-одлука ваквите граѓани се ставаат на општествените маргини и со своето здравје треба да ја платат цената за туѓите групирања и собиранки без почитување на препораките.

Со враќањето на работните места пациентите со карцином, кои и онака веќе се со кревко здравје, се ставаат во животозагрозувачка состојба. Преку оваа писмена реакција Здружението би сакало да апелира до надлежните да не дозволат цената од собиранките, групирањата и живеењето „со полна пареа“ да ја платат луѓето кои поради својата болест спаѓаат во ризичната група – се вели во соопштението од Љубов сме-Jemi dashuri.

Би сакале да потсетиме дека поради пандемијата многу од луѓето кои неодамна ја добија дијагнозата рак, беа принудени наместо во јавните, да се оперираат во приватните здравствени установи, а оние коишто немаа средства за да си го дозволат тоа беа ставени на листа на чекање. Оние кои веќе се оперирани се оневозможени да ги направат контролите на време, со што секако ризикуваат од влошување на здравствената состојба. Дополнително нивното здравје го загрозува и стресот што им го предизвикува фактот дека покрај со болеста карцином, тие би можеле, за да го сочуваат својот живот, да се борат и со предизвиците што ги носи новиот вирус, а со тоа повторно да мора да талкаат низ здравствените лавиринти – нагласува Здружението.

Ве повикуваме да ја преиспитате одлуката за враќање на работа на хронично болните на работа, особено за оваа категорија на лица кои се најранливи и со намален имунитет каде и обична настинка може да заврши со фатален исход.

Одлуката да се вратиме на работа доаѓа во период кога се очекува нов посилен бран на ковид-19, а познато е дека и најголема смртност од овој вирус има кај лицата со хронични болести. Дополнителен ризик ќе биде и појавата на сезонски грип што го доведува во опасност нашето физичко присуство на работа. Ве молиме да ни излезете во пресрет и да не’ заштитите исто како што ги заштитивте другите категории лица, вклучувајќи ги породилното отсуство, бремените жени и децата, бидејќи секој живот е важен – се вели во повикот до надлежните.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.