Не стивнува третиот бран на пандемијата од коронавирусот. И вчера беше регистриран голем број на новозаразени и починати. Во претходното деноноќие забележани се 1.394 нови случаи од 4.920 тестирања, или 28 отсто од тестираните се позитивни. Вкупно починаа 45 лица, а оздравеа 479 пациенти. Во моментов бројот на активни случаи во државата изнесува околу 22 илјади.

По завчерашниот највисок број (50) починати во 24 часа, министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека има пациенти со многу тешка клиничка слика кај кои терапијата не дава резултати. Болниците се преоптоварени како никогаш од почетокот на епидемијата, рече тој, но дури и сега има слободни кревети и ниеден пациент нема да остане без соодветна лекарска нега.

Колегите прават се. Има пациенти со многу тешка форма, се лекуваат согласно стандардите, но за жал, и покрај преземените мерки, кај некои лекувањето нема ефект. Има пациенти со клиничка слика и страшни манифестации на белите дробови и крвта какви што пулмолозите и колегите инфектолози досега не виделе. Нема ефект од терапијата и, кога состојбата ќе се влоши, и покрај се што се прави, нивните животи не можат да се спасат – рече Филипче.

Во однос на смртните случаи на млади луѓе, министерот одговори дека и во регионот често има влошување на здравствената состојба кај младите во рок од само неколку часа.

Болниците се преоптоварени како никогаш досега, но обезбедуваме се што треба секој да добие соодветна здравствена нега и има сосема доволен број болнички кревети, дури и сега – изјави Филипче .

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1684 и има околу 230 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 999 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 112 пациенти, во Штип 86, во Велес се лекуваат 97 болни, во Куманово 96, во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 138 , во Струмица 87 пациенти, Кавадарци 79. Во другите градови има помалку хоспитализирани.
Во претходното деноноќие во ковид-центрите во Скопје биле хоспитализирани 103 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 685 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 311 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 136 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 39 пациенти. На Клиниката за детски болести има 5 деца позитивни на ковид 19 вирусот, а на ГАК има 9 позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 26 болни. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 134.134, бројката на оздравени пациенти е 108.676, на починати е 3.905, а бројот на активни случаи изнесува 21.553. Најмногу активни случаи има во Скопје 10613, Прилеп -1130, Куманово – 1047, Битола – 981, Охрид – 876, Велес – 818, Кавадарци – 749. Во другите градови се помалку од 700.

Во светот досега од САРС-КоВ-2 се инфицираа над 131 милион луѓе, починаа над 2,8 милиони лица и оздравеја 105 милиони пациенти.

СЗО завчера вечерта соопшти дека за 24 часа во светот со коронавирус се заразиле 659.000 луѓе.

Од британската Агенција за регулирање на медицината и здравјето (МХРА) вчера стигна веста дека вкупно седум смртни случаи од згрутчување на крвта по вакцинирањето на 18 милиони Британци со „АстраЗенека“, но не е утврдено дали е од вакцината

Придобивките од спречувањето на инфекцијата со Ковид-19 и компликациите од инфекцијата се уште ги надминуваат сите ризици и жителите треба да продолжат да примаат вакцина кога ќе бидат повикани за имунизација – изјави вчера за Би-Би-Си Џун Рајн, раководител на британската Агенција за регулирање на медицината и здравјето (МХРА).

Поради појавата на згрутчување на крвта по вакцинирањето со „АстраЗенека“ некои земји привремено ја прекинаа, а подоцна и ограничија употребата на оваа вакцина само на повозрасните лица.

Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека вакцината е безбедна, но, исто така, планира и натамошни консултации за тоа дали да опстојат одлуките за ограничување на употребата на вакцината во некои земји-членки на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.