Засега нема да се спроведува задолжителна вакцинација за медицинските лица во Македонија. Мерката што ја предложи Комисијата за заразни болести за вработените во државната администрација и локалната самоуправа да бидат вакцинирани со две дози против ковид-19, да имаат сертификат за прележаност не постар од 45 дена или да прават ПЦР тест на свој трошок исто така нема да важи.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека стимулативната мерка за матичните лекари кои имаат висок процент имунизирани пациенти да добиваат 30 денари за секој пациент, може да даде одреден резултат.

Оваа одлука беше изгласана на седница на Владата. Филипче очекува да се зголеми опфатот со вакцинација, по апелите од здравствените власти.

Матичните лекари треба да се свесни колку е важно да се зголеми овој опфат со вакцинација. Еднократниот финансиски надоместок ќе се даде до крај на пролетта, почетокот на летото, следната година. Еден матичен лекар има околу 2.500 прикрепени пациенти, просекот е околу 1.000, така што тоа не е сума којашто треба да се занемари, изјави денеска Филипче.

Според Филипче, многу е битно да сфатат матичните лекари дека имунизацијата на населението не треба да се занемари.

Стигнавме до констатација дека отвора многу сериозни прашања во однос на тоа како би се евентуално казнило лицето кое што нема да прифати да се вакцинира. Од друга страна релано, тоа е голем финансиски товар. Ќе видиме каков ќе биде интересот и опфатот со вакцинација во следниот период со оваа препорака преку матичните лекари. Спремни сме да носиме и други препораки, рече Филипче.

Тој кажа дека во Европа ова е нешто што ќе се менува. Некои земји во Европа размислуваат оваа вакцинација да биде задолжителна.

Но, очигледно, уште е рано. Нам најпрактично ни е преку матичните лекари да апелираме за помасовна имунизација на населението, рече Филипче.

Заклучно со 27 ноември 2021 во Македонија се вакцинирани вкупно 839.596 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 800.599 лица, а со трета доза се вакцинирани 71.373 лица.

Опфатот со две дози на вакцина против COVID-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 48,0%, односно 44,4% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 38,7%.

Опфатот кај работноспособното население (18-64 години) со една доза на вакцина изнесува 45,6% додека со две дози вакцинирани се 43,3%. Најголем дел од лицата вакцинирани со две дози припаѓаат на возрасната група од 25- 49 години.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.