За две до три седмици се очекува да биде пуштен во употреба новиот Ургентен центар при Општата болница во Куманово. Во моментов недостасува само употребната дозвола. Ова денеска го најави министерот за здравство, Венко Филипче, кој заедно со директорката на болницата Снежана Захариева, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски изврши увид по завршување на градежните зафати.

Според министерот за здравство, се работи за значаен објект не само за кумановската болница, туку и за регионот, но и за здравствениот систем, зашто на едно место ќе бидат сместени, итната хируршка амбуланта, ортопедската, анестезиолошката амбуланта и компјутерската томографија. Од оваа инвестиција придобивка ќе имаат над 100.000 пациенти кои на годишно ниво гравитираат во Ургентниот центар.

Над 100 пациенти кои циркулираат во тек на денот ќе имаат можност да бидат првоиспитани, потоа радиолошки евалуирани и третирани во овој нов Ургентен центар. Многу е важно што од функционален аспект за прв пат се обединуваат на едно место амбулантите по анестезилогија, хирургија и ортопедија, што е светски и европски стандард. Во оваа болница на едно место, пациентот ќе може да биде примен, веднаш да се направи компјутеризирана томографија, прегледан од повеќе специјалисти и да се види што и како понатаму, истакна Филипче.

Министерството за здравство продолжува да дава поддршка на кумановската болница, пред се во зголемување на бројот на вработени. Филипче нагласи дека минатата година биле примени голем број медицински сестри и лекари, а дел од нив биле пратени и на специјализација.

Болницата во Куманово во континуитет ја поддржуваме и во смисла на набавка на нова медицинска опрема. Мора да се одаде признание и на менаџментот на оваа болница, затоа што оствари и заштеди, набави и опрема од сопствени средства. Се надевам дека во следниот период ќе продолжиме да размислуваме кумановската болница да прерасне во клинички центар, нагласи Филипче.

Директорката на Општата болница Куманово, Снежана Захариева истакна дека граѓаните, но и персоналот, наскоро ќе имаат пристап до еден уреден објект, во кој ќе можат да побараат соодветна здравствена заштита од повеќе специјалисти.

Ова одамна му требаше на Куманово, како центар каде се згрижуваат пациенти не само од нашиот град, туку од целиот регион. Пациентите нема да талкаат од еден до друг објект, дали е упатен во стара или нова хируршка амбуланта, или на компјутерска томографија, туку на едно место ќе добијат соодветен третман, изјави Захариева.

За изградбата на новиот Ургентен центар во Куманово, Министерството за здравство издвои околу 900.000 евра.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.