Втората трансплантација на коскена срцевина односно матични хематопоетски клетки од несроден донор ќе биде извршена идната недела на Универзитетската клиника за хематологија. Потпишан е договор со донорскиот центар и овој пат донорот е од Германија. Се работи за пациент, кој е дете и првпат во Македонија ќе биде изведена несродна трансплантација кај дете, истакна денеска директорката на Клиниката, Ирина Пановска Ставридис.

Посочи дека донорот е 19-годишно момче од Германија, кое, како што рече, има чувство за солидарност, ќе седне на машина и ќе даде клетки, за да спаси нечиј живот.

Минатата година на Клиниката, потенцира таа, се извршени 57 трансплантации, што претставува рекорд, бидејќи досега годишно се извршуваа 40 трансплантации.

Следната година планираме да продолжиме со посилен интензитет. Воспоставивме систем кој покажавме дека функционира и верувам дека ќе продолжиме успешно и идната година. Здравствените власти и минатата година и оваа имаа слух и беше одреден условен буџет за лековите кои се неопходни за пациентите, а се уште не се на позитивната листа, која не може да се смени заради закочената законска регулатива, меѓутоа најден е начин со условен буџет сите тие лекови да бидат обезбедени и достапни за пациентите во Македонија, рече Пановска Ставридис.

Нагласи дека во минатото имало пракса само за лекување со одредени лекови кои ги немало пациентите да бидат упатувани во странство.

За среќа сега лековите се достапни за нас и пациентите се лекуваат тука, додаде Пановска Ставридис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.