Неделава се откриени нови четири кластери во тетовскиот регион од кој потекнуваат дел од најновите заразени со ковид-19 жители на општина Тетово, информираат денеска од Центарот за јавно здравје во Тетово.

Од 19-те нови случаи денеска, 11 се од општина Тетово, по три има во општините Желино и Теарце, како и по еден во Брвеница и Јегуновце.

Имаме четири нови кластери во фамилии затоа што нема придржување до препораките да нема групирање, како и основните мерки за носење маска, миење раце и држење растојание. Во овие две недели беа замени над 200 брисеви во рамки на скринингот преку матичните лекари. Општина Тетово е најкритичната од шесте општини со најмногу заболени, но бројките се менуваат секојдневно, истакна Зорица Зафироска, специјализант по епидемиологија при Центарот за јавно здравје во Тетово.

Тетовската полиција и понатаму секојдневно изрекува казни за неносење на задолжителните маски за лице.

Во текот на изминатото деноноќие, според статистиката на Секторот за внатрешни работи Тетово за периодот (18/19.06), за неносење заштитни маски на 83 лица изготвени им се прекршочни платни налози, согласно член 6 од соодветната владина Уредба, истакна Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

И понатаму има многу лица кои се во изолација. Нови решенија за изолација од Државен санитарен и здравствен инспекторат изготвени им се на вкупно 53 лицa, додека вкупно биле контролирани 820 луѓе со вакви решенија. Изјави за самоизолација потпишале вкупно 45 лицa, а контролирани биле 115 луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.