Голем број граѓани реагираат дека одамна се пријавиле на веб-страницата вакцинација.мк, но се уште не добиле термин за вакцинација. Од Министерството за здравство велат дека сите тие, почнувајќи од понеделник, во рок од 20-на дена ќе бидат вакцинирани со онаа вакцина што е достапна.

Според Министерството за здравство, станува збор за околу 180.000 граѓани кои се пријавени за вакцинација, а се уште не добиле термин.

Околу 64.000 граѓани на возраст од 40-59 години се пријавени на веб-страницата за вакцинација, а сѐ уште немаат термин кога да се појават на еден од пунктовите. Над 40.000 граѓани на возраст од 60-99 години исто така чекаат вакцина.

Според податоците од министерството, досега во земјава се вакцинирани најмногу луѓе на возраст од 60-69 години (75.604 граѓани), а потоа следува старосната група од 25-49 години (66.953 граѓани), вакцинирани се 48.632 граѓани од 50-59 години и 2.852 лица над 18-24 години.

Во земјава во моментов се аплицираат вакцините на „Синовак“, „Фајзер“ и „Астра зенека“ (која кај нас се аплицира кај лица над 60 години), а тече и ревакцинацијата со кинеската „Синофарм“.

В петок се очекува преку системот „Ковакс“ да стигнат околу 100.000 вакцини од прозиводителот „Фајзер“, а дополнително секој понеделник околу 11.000 илјади вакцини стигнуваат од овој прозиводител во нашата земја, обезбедени од директни преговори и преку програмата Тим Европа. Викендов се очекува и испораката на 500.000 вакцини од кинескиот производител „Синовак“ кои треба да пристигнат во два наврати.

извор: Нова Македонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.