Во Психијатриската болница-Негорци, во Гевгелија е отворено ново одделение за актуни сосојби. Новото одделение е изградено од темел, на место на постојното одделение, кое беше од дрвена конструкција и во значителна мера оштетено. Изградено е од цврста градба, со површина од 560 m2 и е енергетски ефикасно со – термоизолациска фасада, квалитетна столарија, соларен систем и панелен кров со највисок изолациски коефициент. На отворањето присустуваше и министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со државниот секретар, д-р Владимир Милошев.

Одделението е изградено согласно меѓународни стандарди и искуства за акутно одделение, со поделба на машки и женски пациенти, посебни простории за доктор, сестри и болничари и има посебна соба за фиксација, согласно препораките на Народниот правобранител.

Вкупната сума за оваа инвестиција изнесува над 11 милиони денари и е изградено по принцип клуч на рака, соопштија од Министерството за здравство.

Раководството на Психијатриската болница-Негорци, информираше дека во изминатиот период е извршена уште една комплетна внатрешна реконструкција на хронично одделение со површина од 450 m2, при што се поставени нови подови и плочки, целосно нови купатила и тоалети и извршено е реновирање на целата површина на ѕидови и тавани, при што е поставена целосно нова столарија и соларен систем за целото одделение. За оваа инвестиција биле издвоени 3.045.580 денари.

Покрај реконструктивните зафати, во изминатиот период, Психијатриска болница-Негорци се зајакна и со здравствен кадар и тоа: еден специјалист-психијатар, двајца доктори на медицина, пет медицински сестри, еден дипломиран психолог, еден дипломиран социјален работник и еден дипломиран биохемичар, велат од Министерството за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.