По повод одбележувањето на 21 септември, Светскиот ден посветен на Алцхајмеровата болест, Министерството за здравство информира дека во изминатите три години во земјава е постигнат значителен напредок во дијагностицирањето на деменциите.

За таа цел, дизајниран е посебен протокол, кој опфаќа проширени невропсихолошки тестови, лабораториски анализи за исклучување реверзибилни деменции, imaging-методи и најважно, одредување биомаркери за Алцхајмеровата болест.

Протоколот е дизајниран со тимска работа и мултипрофесионална експертиза од повеќе релевантни институции, меѓу кои: Универзитетската клиника за неврологија, Клиниката за психијатрија, генетската лабораторија при МАНУ, како и Институтот за нуклеарна медицина каде со помош на методата мозочен SPECT се диференцираат типичните и атипичните форми на Алцхајмерова болест и Фронто-темпорална деменција, а од овој месец и Институтот за имунологија и хумана генетика каде се одредуваат биомаркерите за Алцхајмерова болест во цереброспинален ликвор.

Со оваа дијагностичка метода се овозможува прецизна и рана дијагноза на Алцхајмеровата болест, која е неопходна за точна дијагноза кај сите лица кај кои постои сомнеж за ран почеток, на возраст под 65 години, пишува во соопштението од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека токму точната и навремена дијагноза на Алцхајмеровата болест е неопходна во раниот стадиум на болеста, со цел почнување со соодветен третман и донесување одлуки за натамошна грижа.

Во Република Македонија, во моментов живеат околу 20.000 лица со Алцхајмерова деменција, а вкупниот број лица со деменции од сите типови достигнува и до 40.000, велат од Министерството.

Инаку, во светот има околу 50 милиони лица со оваа болест, а до 2050 година се очекува овој број да се зголеми тројно и да достигне до 152 милиони.

Алцхајмеровата болест се нарекува и епидемија на 21 век, со оглед дека е најчестиот вид деменција. За таа цел, континуирано се работи на кревање на свесноста за оваа болест, со цел поставување дијагноза во ран стадиум, како и овозможување социјална поддршка и реинтеграција на болните и нивните семејства во општеството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.