Министерот за здравство Венко Филипче не отстапува од ставот деца да не се примаат во училиштата доколку немаат примено МРП вакцина. Во текот на викендов министерката за правда Рената Дескоска ќе ги усогласува ставовите на Филипче кој инсистира без вакцина да не се оди во училиште и на министерот за образование Арбр Адеми кој посочи дека Владата нема јасна насока и ресорите мора да се договорат бидејќи основното образование е задолжително за сите деца, но здравјето н аграѓаните не треба да биде загрозено. Уписите на првачињата се во тек, а за Филипче вакцинацијата е единствен начин да се стави крај на епидемијата со мали сипаници.

„Викендов ќе имаме средба со министерот за образование, во тоа ќе ја вклучиме и експерти по уставно право, како и министерката за правда. Ние како министерство дадовме препораки, бидејќи во моментов имаме епидемија, и од понеделник ќе излеземе со усогласен став. Нема да отстапиме од ставот невакцинирани деца да не се примаат во градинките и школите, оти тоа е единствениот начин да се стави крај на оваа епидемија и да не ни се повторуваат вакви ситуации“, рече Филипче.

Епидемијата на морбили не стивнува. Од Институтот за јавно здравје известија дека изминатата недела лабораториски биле потврдени над 110 нови случаи, а половина од пациентите биле задржани во болница. За една недела заболеле 20-тина бебиња под една година. Само вчера лекарите прегледале 10 пациенти со морбили, од кои 6 деца и 4 возрасни. Две деца на 8 и 13 годишна возраст биле вакцинирани, а 4 заболени бебиња помали од една година немале примено вакцина. На инфективната клиника двајца пациенти се во тешка состојба.

Поради компликации од морбили досега починаа 4 деца. Од стартот на епидемијата досега од мали сипаници се разболеа скоро 1.400 граѓани. На цела територија на земјава, се уште е голем бројот на невакцинирано население. Дури 19 илјади лица немаат примено МРП вакцина, од кои 12.400 на претшколска возраст. Најголемиот дел од нив се од внатрешноста на земјава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.