Веројатноста дека лицата кои ги примиле двете дози од вакцините ќе бидат позитивни на коронавирусот е три пати помала отколку кај невакцинираните, според студијата спроведена од научниците на Империјал колеџот во Лондон.

Студијата Реакт-1 е заснована на тестирање на речиси 100.000 луѓе во Англија меѓу 24 јуни и 12 јули, пренесува Гардијан.

За време на тој период, се заразиле 0,63 отсто од лицата, или едно од 158. Тоа е четирикратен пораст во однос на претходниот извештај на студијата на 7 јуни, кога 0,15 отсто од лицата или едно од 670 го имало вирусот.

Анализите од резултатите на ПЦР тестовите исто така укажуваат дека е мала веројатноста дека целосно вакцинираните луѓе ќе им го пренесат вирусот на други.

Пол Елиот, директор на Реакт програмата, кажа: „Овие откритија ги потврдуваат нашите претходни податоци дека две дози од вакцините нудат добра заштита од зараза. Меѓутоа, исто така можеме да видиме дека и понатаму постои ризик од инфекција бидејќи ниедна вакцина не е 100 отсто ефикасна и знаеме дека некои целосно вакцинирани лица сепак можат да се заразат со ковид-19“.

Тој затоа повика на претпазливост додека се ублажуваат рестрикциите, да се заштитат луѓето и да се намали стапката на зараза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.