Луѓето кои прележале ковид 19 се заштитени од повторна зараза исто како и оние кои ги примиле најдобрите вакцини, покажува истражување спроведено на 20.000 британски здравствени работници, најголемо од ваков вид во светот.

Јавното здравство на Англија (ПХЕ) редовно тестирало две соодветни групи на волонтери во периодот јуни и ноември минатата година – 6.000 здравствени работници кои претходно биле заразени со коронавирусот и 14.000 кои не биле.

Споредбата на заразата во двете групи, опишана во прелиминарните резултати објавени во четвртокот, покажа дека претходната зараза давала најмалку 83% заштита од повторна зараза и дала повеќе од 94% заштита од симптоматската форма на болеста ковид-19, што се совпаѓа со податоците за најуспешната вакцина против коронавирусот.

Сусак Хопкинс, постара медицинска советничка во ПХЕ, вели дека е „силно охрабрена“ од резултатите што покажуваат дека заразата дава моќна, иако не целосна заштита од повторна инфекција најмалку пет месеци.

„Природната инфекција изгледа исто толку добро како и вакцината, што е многу добра вест за населението. Тоа ќе обезбеди ниво на имунитет кај популацијата што ќе го намали пренесувањето на вирусот“, рече таа.

За време на студијата, 44 лица во претходно заразена група од 6.000 лица биле тестирани позитивно во растојание од најмалку три месеци, што укажува дека биле „потенцијално повторно заразени“. Но бидејќи геномската анализа не била достапна за да се потврди дека различни вируси се одговорни за двете инфекции, тие не се сметаа за докажана повторна инфекција. Истиот вирус може да инкубира подолг временски период кај иста личност, иако истражувачите сметаа дека тоа во повеќето случаи е помалку веројатно.

Еленор Рајли, професорка по вирусологија на Универзитетот во Единбург, рече дека податоците од студијата исто така сугерираат дека луѓето што оздравеле од коронавирусот имаат помала веројатност да им го пренесат вирусот на други без да знаат за тоа, бидејќи природната инфекција се чини дека дава околу 75% заштита од асимптоматска реинфекција.

„Ова е добра вест во однос на долгорочните трендови на пандемијата“, рече таа.

Сепак, професорката Хопкинс ги повика луѓето „да не ги сфатат погрешно овие рани откритија“.

„Ако верувате дека веќе сте ја имале болеста и сте заштитени, можете да бидете сигурни дека е малку веројатно дека ќе развиете сериозна инфекција, но сепак постои ризик да се заразите и да ја пренесете на други“, рече таа.

Границата на прелиминарната анализа кон крајот на ноември дојде премногу рано за истражувачите да испитаат колку вакцините ги штитат здравствените работници во студиската група.

Истражувачите исто така не можеле да го проценат влијанието на новата и позаразна верзија Б.1.1.7 врз стапките на повторна инфекција. ПХЕ сака да го прошири истражувачкиот проект во следните три месеци за да вклучи 100.000 здравствени работници и да ги разгледа обете прашања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.