Американската фармацевтска компанија „Новавакс“ денеска објави дека Велика Британија ќе купи 60 милиони дози од нејзината вакцина против коронавирус за да ја тестира во трета фаза во земјата.

Компанијата и британската влада ќе соработуваат во испитувањето на ефикасноста на вакцината меѓу британското население, изјавија од „Новавакс“ без да откријат колку пари вреди овој договор.

Како што пишува Ројтерс, студијата ќе биде изведена на 9.000 возрасни Британци помеѓу 18 и 85 години. Вакцините во Британија ќе стасаат во првите три месеци од следната година, додека третата фаза од испитувањата се очекува да почне во последните три месеци од годинава.

Компанијата „Фуџифилм диосинт биотехнолоџис“ ќе биде партнер на „Новавакс“ во производство на антигената компонента на вакцината за ковид-19 за Британија. Компанијата „Фуџифилм диосинт биотехнолоџис“ во Британија може да произведува околу 180 милиони дози годишно.

„Новавакс“ ќе испорача 100 милиони дози од вакцината NVX-CoV2373 во САД до јануари откако доби 1,6 милијарди долари за да го покрие тестирањето и производството. Досега „Новавакс“ има добиено 2 милијарди долари за развој на вакцината, вклучувајќи и 384 милиони од Коалицијата за иновации за подготвеност при епидемии.

Сѐ уште не е одобрена вакцина за ковид-19, а има повеќе од 25 кандидати кои се тестираат кај луѓе.

Во раната фаза од испитувањето, вакцината на „Новавакс“ развива повисоко ниво на антитела кај здрави доброволци по примени две дози отколку што имаат оздравени пациенти од ковид-19, а вакцината, како што велат, исто така била „добро поднесена“ од тие што ја примиле.

И вакцината против коронавирус развиена од кинеската национална фармацевтска група (Синофарм) се покажала како безбедна и поттикнува имунолошки одговор и развој на антитела во раната и во средната фаза од тестирањето, велат научниците, пишува Ројтерс.

Кинеската вакцина веќе е во трета фаза од тестирањето кога се испитува на илјадници луѓе за да се види дали е доволно ефикасна за да добие одобрување. Синофарм ја тестира потенцијалната вакцина во Обединетите Арапски Емирати каде се очекува да се пријават 15.000 доброволци. Компанијата ќе ја тестира вакцината и во Пакистан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.