Турција попладнево со авион на турската армија што слета на Меѓународниот аеродром – Скопје и достави на  Македонија помош во медицински материјали за справување со коронавирусот. Помошта се состои од 50.000 парчиња заштитни медицински маски, 1.000 заштитни скафандери, 1.000 дијагностички тестови и друг медицински материјал.

Турскиот амбасадор Хасан Мехмет Секизќок му ја предаде медицинската донација на шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој се заблагодари за помошта.

Тука сме да ја примиме помошта од пријателска Турција, од турскиот народ до македонскиот народ. Има една убава порака од пакетот помош што се состои од 50.000 маски, 1.000 заштитни одела и 1.000 тестови за КОВИД-19 од претседателот на Турција Ердоган, кој вели дека „има многу надеж за безнадежноста и има многу сонца за темницата“, рече Димитров примајќи ја донацијата.

Тој прочита и дел од писмото од претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган до претседателот Стево Пендаровски.

 Во неговото писмо до нашиот претседател Пендаровски, кој нема да ми замери и во негово име да се заблагодарам за оваа помош, претседателот Ердоган ни честита за неодамнешните успеси, зачленувањето во НАТО, одлуката за почеток на преговори со ЕУ и вели „се надевам и вие повторно ќе живеете во спокој и полно здравје, пријатели и сега сојузници. Благодарам уште еднаш, рече Димитров.

Секизќок од своја страна рече дека епидемијата на коронавирусот се претвори во глобална закана и оти сите доживуваме трагични денови и поради тоа секојдневно имаме потреба од глобална соработка пред оваа закана.

 Во овие денови лидерството и меѓународната солидарност имаат посебна важност. Со ваква перцепција на работите, Турција испраќа медицински материјал низ земјите во светот со цел справување со епидемијата. Нашите народи со векови живееле заедно на Балканот и во Македонија која е во срцето на Балканот и секојпат го задржала своето место во срцето на Турција и турскиот народ. Ние ги уважуваме поимите братство и пријателство и се што е во тој дух, рече турскиот амбасадор.

Истакна дека медицинската опрема што пристигна во Скопје заедно со себе носи и љубов, пријателство и поздрави од претседателот Ердоган и турскиот народ и ќе придонесе за подобро справување со корона кризата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.