Професорот Дејан Трајковски во својата најнова ковид анализа нотира дека секојдневно гледаме високи стапки во Куманово и Скопје, но состојбата не е добра ни во Прилеп, Битола и Тетово

Речиси не остана град или регион каде што есенскиот бран не пристигнал. Делта сојот е навистина ужасен, само што населението како сосема да се препуштило на судбината или пак сите надежи ги вложило на картата на вакцинација. Но, вакцинацијата сама по себе не е доволна. Без ограничување на контактите меѓу луѓето броевите на нови случаи и на починати допрва ќе растат, вели тој.

Самоволното отворање на ноќните клубови во саботата, при важечка забрана за нивна работа којашто одамна е на сила, ја покажува не само безобзирноста на кафеанџиите, туку и немоќта или незаинтересираноста на државата за спроведување на законот. Впрочем, не е нова веста дека Македонија е земја на беззаконието. Веста за отворањето на ноќните клубови беше објавена во медиумите како најнормална, а по неа следеше целосен молк од страна на државните органи, веројатно не сакајќи да навлекуваат бес кај младите во пресрет на вториот круг на локалните избори. Кафеанџиите тоа добро го знаеја и го искористија моментот, а тоа што многумина ќе се разболат и ќе умрат воопшто не ги интересира. Така, по којзнае кој пат, популистичките политики однесоа победа над епидемиолошките мерки и општо над здравиот разум. Гужвите во ноќните клубови во саботата беа ужасни, а тоа секако ќе се покаже и на епидемиолошките дијаграми по неколку дена, смета професорот.

Тој заклучува дека сликите од преполнетите болници во Романија, Србија и Бугарија ќе станат реалност и тука, некаде во текот на есента или зимата штом попушти заштитата од вакцините, но и со заладувањето на времето кое кај нас, поради појужната географска положба, ќе дојде малку подоцна.

Некои важни лекции никако не можеме да ги научиме, ниту од туѓите, ниту од своите грешки, дециден е проф. Трајковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.