Од денеска во функција е Кол-центарот во Здравствениот дом во Скопје со цел да се зголеми капацитетот на телефонските линии, на кои ќе можат да се јавуваат граѓаните, а од понеделник ќе функционираат и двата пункта во поликлиниките во „Јане Сандански” и „Чаир” за земање на брисеви за тестирање за коронавирус. Исто така, од понеделник закажување за тестирање ќе може да се прави и преку матичните лекари, преку системот „Мој термин”, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Денеска заврши координативниот состанок со Здружението на матичните лекари кои ќе бидат вклучени во системот на закажување преку системот „Мој термин”, а после јавување на нивните веќе пациенти кои ги избрале за матичен лекар. Тоа значи, дека од понеделник освен телефонските линии за информации во центрите за јавно здравје во Кол-центарот во Здравствен Дом Скопје пациентите ќе можат да се јават и кај матичните лекари за да се закаже земање материјал во двата пункта доколку се постави индикција според електронскиот алгоритам којшто матичните лекари дотогаш ќе го имаат, појасни Филипче.

Здравствените работници, според него, се целосно мобилизирани, во секоја здравствена установа е направен систем на ротација на лекарите, се третираат само итните и малигните случаи. Се прават распореди на стручните колегиуми за текот на денот, за начинот на којшто ќе се прави проценка и спроведување на оперативните програми.

Тој повтори дека состојбата со респираторни машини е добра, дека имаме 120 респираторни машини на располагање. Спремни се, рече, капацитетите и на Инфективната клиника и во болницата „8 Септември”. Светските искуства, според него, покажуваат дека на многу мал процент од пациентите, некаде околу пет отсто им е потребна респираторна поддршка.

Министерот за здравство рече дека бројот на дијагностицираните лица сo коронавирусот во нашата земја очекувано е во пораст и тоа со појава на изолирани случаи настрана од веќе постоечките кластери со кои сите досега дијагностицирани пациенти се во корелација.

Имајќи го ова во предвид и со цел да бидеме точни во известувањето на јавноста за бројката од денеска за новозаболените пациенти ќе информираме еднаш во денот, во 12 часот, а бројката ќе се однесува на дијагностицираните случаи во изминатите 24 часа. Билансот ќе се темели на евиденцијата на лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика во ИЈЗ кој ја дигитализираше базата во изминатите денови, а кои освен дијагностицираните пациенти во таа лабораторија ќе ги добива информациите и од лабораторијата во болницата „Жан Митрев”. Ќе има целосна евиденција од сите места каде што се врши дијагностика на коронавирусот во нашата земја, истакна Филипче.

Тој ја повтори информацијата дека во текот на ноќта се потврдени уште девет нови случаи, и оти вкупната бројка до 12 часот во нашата земја изнесува 85. Според местото на живеење регистрирани се случаи во шест градови: Скопје, Дебар, Гостивар, Кавадарци, Штип и Охрид.

Состојбата на пациентите во Инфективната клиника се во непроменета состојба. Најтешката пациентка е на респираторна машина, во непроменета состојба во однос на вчерашниот ден, тројца од пациентите се со потешка форма на пневмонија, а другите пациенти се со полесна клиничка слика, рече Филипче.

Пациените кои се на домашно лекување се во секојдневна постојана комуникација со инфектолозите од Клиника. Нивната клиничка слика е сосем лесна, значи лекувањето може да се спроведе во домашни услови. Стабилна и добра и лесна клиничка форма имаат пациентите коишто се лекуваат во Дебар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.