Скопјанецот Звонко Глигоровски неколку месеци по прележувањето на Ковид-19 сѐ уште ги чувствува последиците од болеста. Освен што не може целосно да си ја поврати силата, за него се свежи и сеќавањата за голготата низ којашто поминало неговото семејство во ноемврискиот пик, кога потрагата по болнички кревет била „невозможна мисија“.

Откако Ковидот ќе навлезе во нивниот дом, Звонко и тројца најблиски членови од неговото семејство завршуваат во болница. Битката со Ковид-19 не успева да ја извојува само неговиот 88-годишен татко. По двонеделна битка во приватните болници, тој умира само десет часа откако ќе биде префрлен на Инфективната клиника во Скопје. За неговиот син остануваат само сеќавањата за борбата со болеста, болничките сметки за приватно лекување кои секој ден станувале сѐ поголеми, битката да се обезбедат дополнителни средства за нега на болниот, но и последниот телефонски повик од непознат број во 7 часот наутро, кој ја соопштува веста за смртта на родителот.

Одамна ми е јасно дека здравството ни е гнило и дека парите што ги плаќаме за здравствено осигурување се фрлени во ветер, но сепак, бидејќи не сум чорбаџија, се обидов да го лекувам Ковидот како и повеќето други во јавното здравство. Кога ситуацијата со моето здравје стана сериозна, а нашето здравство и понатаму остана несериозно, решив дека ѓаволот ја однел шегата и дека не вреди да се чуваат парите наменети за реновирање на бараката во која живееме со сопругата. Попусто реновирана барака, ако нема кој да живее во неа.

Вака го почнува своето сведоштво Глигоровски за „Дојче веле“, присетувајќи се на случувањата од пред неколку месеци.

Како завршив во приватна болница?

Во ноември, кога болниците беа преполни со пациенти, ги почувствував првите симптоми на Ковид. По 7-8 дена, кога мислев дека помина сѐ, плукнав крв. Потоа ,за време на телефонски разговор, почувствував како губам здив. Тоа беше доволен сигнал дека морам да се јавам кај матичната лекарка, која ме упати на итни прегледи и рентген – раскажува Глигоровски.

И тука почнува голготата. Препраќање од една во друга болница, снимки, чекање, неизвесност, која завршува со хоспитализација.

Билатерална пневмонија, осумкратно зголемени д-димери, преполовени тромбоцити, 5000 евра депозит и креветот е мој – вели Глигоровски, раскажувајќи го своето искуство како завршил на лекување во една од приватните болници.

Но, како што вели, злото не доаѓа само. По една недела во болницата се хоспитализирани и неговата сопруга и неговите родители. Сопругата и неговата мајка со пневмонии и намалена сатурација, додека неговиот 88-годишен татко, бил целосно изнемоштен од болеста.

Исто како кога сонуваш некој кошмар и гледаш некои познати лица околу тебе и не можеш да сфатиш дали е сон или јаве. Токму така се чувствував. Лежев во болница и гледав дека тука се и сопругата и мајка ми и татко ми и си велев – што е ова, мора да е некој кошмар – раскажува соговорникот.

Глигоровски за трошоците набројува: 500 евра за кревет од ден, 200 евра за осум апчиња фавира дневно, 300 евра други лекарства и услуги…

Болничкиот таксиметар чука

По извесен период болницата ја напуштаат тројца од семејството Глигоровски. Останува на лекување само неговиот татко.

500 евра за кревет од ден, 200 евра за осум апчиња фавира дневно, 300 евра други лекарства и услуги, минус 5% попуст, потпис дека иако се уште позитивни и свесни за ризикот сами бараме отпуст, сума-сумарум 22.000 евра. Тука не се влезени трошоците за татко ми. За него треба да платиме при неговото отпуштање од болница. Плаќам без збор. Срцето ми се кине, но морам да го оставам. Неговата состојба не е за отпуст – раскажува Звонко .

Но, тука не завршуваат проблемите. Бидејќи со платената сума финансиски се исцрпува семејството, наредните денови им поминуваат во грозничаво барање пари.

Правев сѐ за да можам да му го продолжам престојот на татко ми во болницата, а со тоа и да му го продолжам животот. Секој ден се јавував во болницата, но состојбата почна нагло да му се влошува. Се јавував и во сметководството за да ме известат колку е моменталниот долг за татко ми. Болничкиот таксиметар чукаше близу 1000 евра дневно. Лоши вести ме бомбардираа секој ден – вели Глигоровски.

Притиснат од сите страни, синот се задолжува 10 илјади евра за да купи уште неколку дена нега за неговиот татко. Во меѓувреме болничкиот таксиметар чука ли чука. Принуден е да бара кревет за да го префрли во јавното здравство.

Со триста врски и ургенции по неколку дена наоѓам место на Инфективна клиника. Но, се работи за минути. За тој кревет се заинтересирани уште еден куп пациенти. Мора што побргу да се префрли стариот за да не го фати креветот некој друг. Се јавувам во приватната болница за да организираат транспорт. Но, прво треба да се плати. Сметката беше 12 илјади евра, а јас имав само 10 илјади евра – вели Глигоровски.

Бидејќи е позитивен, не може да оди во болница за да ги подигне останатите пари. Принуден е да се јави кај пријател за да му донесе уште 2.000 евра во болницата.

Возев до Инфективна да го пречекам татко ми. Го донесоа полусвесен, разголен, црн на подлактиците и модар на вратот. Влегов да го пријавам. Офкаше дури го преместуваа од носилките. Следното утро непознат број ме побара уште во 7 часот.

 

Вие сте син на Крсте?

 

– Да.

 

– Примете сочувство…  – раскажува Звонко

Откако се актуелизираше деновиве проблемот со цените за лекување на Ковид-19 во приватните болници, Глигоровски за „ДВ“ раскажа за искуството коешто го имало неговото семејство во борбата со „невидливиот непријател“.

Приказната ја сподели и на социјалните мрежи, каде наиде на бројни реакции и поддршка – многумина сведочат дека поминале низ сличен трновит пат, посочуваат на пример на семејства кои останале без своите домови, продале станови, куќи, имот, се задолжиле или зеле кредити, за да ги платат болничките трошоци за себе или своите најмили. За жал, не секој успеал во битката против опасниот вирус.

Преземено од Дојче Веле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.