Елена Иванова, студентка од Струмица која пред дваесетина дена се вратила од студиите во Германија бидејќи факултетот каде што студира бил затворен, преку струмичката ТВ Вис раскажува за голготата и стигмата која ја преживува од нејзините сограѓани. Иако доброволно и самоиницијативно се ставила во самоизолација со мајка ѝ и сестра ѝ, вели дека преживеала неверојатен стрес поради невкусните коментари и лаги што се ширеле по социјалните мрежи, а за време на тестирањето во струмичкото инфективно одделение биле и жртви на недзволено снимање.

Еве го нејзниното обраќање во целост:

Драги пријатели,
Во изминатите неколку дена на социјалните мрежи се појви видео проследено со лажни информации и невкусни коментари дека јас и моето пошироко семејство сме позитивни на КОВИД-19 и дека во меѓувреме сме шетале низ градот и сме контактирале со други лица.
Сакам да кажам дека јас и сестра ми сме студентки во Германија. По појавувањето на КОВИД-19 во Германија факултетите се затворија, часовите се држат преку интернет и ние како жители со постојано место на живеење во Струмица, се вративме во нашиот дом. Иако кога пристигнавме во Македонија, се уште не се потпишуваше изјава за самоизолација, ние самите се пријавивме во центарот за јавно здравје и рековме дека ќе бидеме во самоизолација и се информиравме за следните чекори.
Со цел да не го загрозиме здравјето ниту на нашите најблиски ниту на пошироката јавност, од аеродромот не пречека нашата мајка, која што за целиот овој период беше со нас во самоизолација. Додека ние трите бевме во самоизолација нашиот татко воопшто физички не контактираше со нас и престојуваше на друго место.
Бидејќи ни завршуваше периодот на самоизолација согласно препораките, телефонски се јавивме и закажавме термин за тестирање. По препораки на епидемиолог ни беше кажано дека сите три треба да бидеме тестирани, бидејќи престојуваме заедно.
Сакам да истакнам дека во ниту еден момент не сме криеле дека сме во самоизолација, напротив сите наши блиски, роднини и пријатели беа информирани за ситуацијата, за случајно некој да не дојде.
Во петокот кога отидовме на тестирање, некој несовесен граѓанин не снимал со цел да го рашири видеото по социјалните мрежи. Со видеото се ширеа и невкусни и невиститнити коментари за нас и нашата поширока фамилија, што ни нанесе емоционален стрес и нарушување на угледот.
Иако ни беше тешко што не можеме да го видиме нашиот татко и нашите блиски роднини, ние сепак се воздржавме и ги почитувавме сите прописи.
Наместо да бидеме пример за тоа, ние бевме нападнати.
За овие три дена, додека ги чекавме резултатите, се изначитавме разни коментари дека сме позитивни и дека намерно не се објавуват резултатите и разни други глупости.
Сега можам да ви кажам дека резултатите ги добивме и дрка кај СИТЕ ТРИ СЕ НЕГАТИВНИ на КОВИД-19. Но дури, и да бев позитивна  ќе објавев дека сум позитивна, и со гордост ќе истакнав дека НА НИКОЈ ДРУГ НЕ СУМ ГО ПРЕНЕЛА.
Вирусот е опасен, но ќе помине. Но емотивната болка останува.
Затоа никому не му го посакувам, ниту едното ниту другото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.