Пандемијата силно ја погоди медиумската индустрија во земјава. Новинарските куќи се принудени да носат тешки одлуки: Kој ќе остане, а кој ќе си оди? Новинарите се соочуваат со финансиски, психолошки, социјални, но и етички и професионални проблеми повеќе отколку пред пандемијата. Двајца медиумски работници досега ја загубија битката со коронавирусот.

Ова се дел од заклучоците од истражувањето на Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) направено во текот на јуни на репрезентативни 150 испитаници, вработени во различни медиуми.

Загрижува фактот што дури 30% од анкетираните одговориле дека познаваат некој што останал без работа за време на корона пандемијата. Седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата. Помали плати пристигнале на трансакциските сметки кај дваесет и пет од анкетираните. На седуммина платата им била скратена за 30%, се наведува во истражувањето.

Поради интервју со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски бев казнет со 15% од плата еден месец – вели еден новинар, кој бил казнет поради сработеното.

Градоначалникот излезе позитивен, па потоа негативен на коронавирусот, а новинарот заработил небулозна казна за која речиси никој и не разбра. Причините останаа непознати.

Најголемиот страв на сите граѓани го делат и медиумските работници. Губењето на изворот на егзистенција. Овој шок бил приреден на четворица медиумски работници кои останале без работа во најголемиот пик на пандемијата. Промените со коронавирусот се одразија на сите полиња. Четириесет и пет проценти oд испитаниците одговориле дека им е потребна заштитна опрема и сега и во следниот период, додека 22 отсто изјавиле дека сопствениците не им обезбедиле заштитна опрема. Медиумските работници се жалат и на намалување на квалитетот на животот. Дури 62% одговориле дека овој начин на работа им влијае врз менталното здравје, а на 48% им е потребна психолошка поддршкa.

Три месеци работам втора смена до 23 часот навечер за да готвам, чувам деца и да учам со нив додека дојде сопругот – рекла една новинарка.

Најчестите одговори на испитаниците во врска со транспарентноста на институциите се дека во текот на ковид кризата голем дел од прашањата до институциите останувале неодговорени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.