Дел од матичните лекари минатиот месец добија казни кои се однесуваат за неправилности констатирани во 2018 и 2019 година, а биле изречени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и тоа во време на мораториум. За ова реагираа и од Здружението по општа медицина-семејна медицина (ЗЛОПСМ) и од Здружението на приватни лекари.

Казните се за погрешна терапија, нешто што порано било за опомена, сега се изречени парични казни. Казнет е колега кој препишал лек препорачан од интернист, оти во местото немало уролог. Разочарани сме од овој однос и затоа сметаме дека е време да се отворат повеќе фондови, ФЗО да нема монополски однос. Бидејќи не сме опфатени со ниту еден пакет мерки на Владата, време е капитациониот бод да биде 90 денари, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Казните биле во висина од 15 до 25 илјади денари. Покачување на капитациониот бод побара и Здружението на лекари по општа медицина-семејна медицина.

Бараме поништување и повлекување на сите донесени решенија за изречените договорни казни што се повикуваат според Договорот помеѓу ФЗО и приватните здравствените установи. Најголемиот број на изречени договорни казни се од 2018 па наваму. За истите договорни казни не е доставено до здравствените установи претходно известување, односно предлог за изречените казни, пишува во писмената реакција на ЗЛОПСМ која е испратена и до Владата и до Собранието.

Од Фондот за здравство објаснуваат дека излегле во пресрет и го прифатиле барањето на Лекарската комора и Здружението на приватни лекари, да се стави во мирување изрекувањето на договорни казни во период од 1.1.2019 до 30.6.2019 година.

Како што исплатата на месечниот надомест – капитацијата е обврска на Фондот кон ПЗУ, така и обврска на секоја приватна здравствена установа е почитувањето на одредбите од договорот кои што своеволно го имаат потпишано, појаснуваат од ФЗО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.