Неприфатливи се новите 1.000 специјализации по законот на Тодоров, во момент кога мислевме дека преговаравме за дефинитивна и коренита промена и укинување на тој лихварски ситем, велат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари-АСМЛ, во реакција за вчерашната одлука на Владата.

Не запишувај специјализација под лихва!, повикаа тие.

Согласно со мрежата на здравствените установи (2019-2022), Владата вчера на седница одобри вкупно 931 специјализација за оваа и за наредните три години. Како што соопшти Министерството за здравство, за 2019 година се одобрени 346 специјализации, од кои 22 се преземања од приватна специјализација, 241 специјализација за 2020 година, 184 за 2021 и 160 специјализации се одобрени за 2022 година.

Во рамки на предлог-програмата за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадар што денеска ја усвои Владата, одобрени се и вкупно 130 супспецијализации за четиригодишниот период: 68 за 2019 година, 24 за 2020, 22 за 2021 и 16 за 2022 година.

Според Законот за здравствената заштита, јавните здравствени установи за спроведување на програмата се должни да обезбедат финансиски средства во висина потребна за спроведување на специјализациите, односно супспецијализациите. Овие средства, како што наведува Министерството, ЈЗУ ќе ги уплаќа сукцесивно, по семестри, во тек на целото времетраење на специјализацијата и супспецијализацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.