Ноќеска на Клиниката за кардиохирургија во Скопје за првпат во нашата земја е изведена трансплантација на срце, односно пресадување на овој орган од починат донор. Целата операција траела 6 часа и завршила во 2 часот по полноќ. Со неа беше трансплантирано срце во телото на 54-годишен пациент.

За да се изведе операцијата на пресадување, прво се прави експлантација на срцето од донорот, а потоа тоа се трансплантира на пациентот на кој му е потребно.

Тимот функционирал одлично. Операцијата за трансплантација траела околу 3 часа, а оперативниот зафат го водел проф. д-р Сашко Јовев од Клиниката за кардиохирургија.

Имаме листа на пациенти на кои им е потребна трансплантација, која се прави според светски протоколи. Кога веќе имавме донор на срце, организацијата течеше многу брзо. Бевме подготвени за овој оперативен зафат. Прифативме да работиме со колегите од приватните болници и тимот функционираше одлично – вели д-р Јовев.

Тој раскажува дека хируршкиот дел од трансплантацијата ја работеле заедно со д-р Жан Митрев од клиничката болница „Жан Митрев“ и дел од кардиохируршкиот државен тим, меѓу кои д-р Васил Папастиев, д-р Маријан Шокаровски, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Стефанија Хаџиевска.

На трансплантацијата работеле и д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р. Димче Славевски.

Кога сѐ беше завршено требаше да почекаме неколку моменти за да зачука срцето. Реагиравме за да го помогнеме овој процес и тоа се случи. Пресаденото срце работеше со очекуван ритам. Салата беше полна и нормално дека имаше позитивни реакции. Прво неколку секунди сите молчеа, а потоа се слушна ракоплескање, воодушевување, а имаше и по некоја солза – вели професорот.

На експлантацијата претходно работеле д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“, а од КАРИЛ анестезијата ја воделе д-р Маја Мојсова – Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.

Постапката за првата трансплантација на срце во координација со министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче ја започнал и водел националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска. Таа со својот тим болнички координтори: д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесирале пациентката во мозочна смрт и ги направиле сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

Д-р Мојсова: Кога се работи експлантација сме многу тажни, но потоа со пресадувањето се добива поинаква смисла.

 Им благодариме на семејството на донорот, на нивната благородна постапка. Тоа е највисок највисок степен на човекољубие и солидарноист – вели д-р Мојсова, националниот координатор за трансплантација.

Таа објаснува дека биле подготвени за трансплантација зашто биле завршени подготовките за тоа, протоколите и сѐ што е потребно за вакви операции.

Кога работиме сме експлантација сме многу тажни зашто некој умира. Но кога ќе се пресади орган од починатиот, сѐ добива поинаква смисла – додава д-р Мојсова.

извор: Факултети.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.