Двајца починати пациенти на 85-годишна и 53–годишна возраст се пријавени од лекарите до Агенцијата за лекови МАЛМЕД, за испитување за можна поврзаност на нивната смрт со приемот на вакцина против Ковид. Еден од пациентите имал повеќе коморбидитети и дијабетес кој нередовно го контролирал. Пријавите се само сомневање и не значи дека вакцината ја предизвикала смртта. Додека не се потврди, се сметаа само за недокажани сомневања. Овие два случаи понатаму се дадени на испитување на Институтот за јавно здравје.

Не е докажано дека пациентите починале од вакцините, туку е сомнеж за несакан ефект. Понатаму обработка е во ИЈЗ. Има иницијатива за формирање на посебна Комисија за несакани ефекти, која во детали ќе анализира и ќе дава конечни извештаи дали одредена реакција е од вакцината или не. Нагласувам дека пријавите во МАЛМЕД се сомнежи за несакана реакција. Кога еден лек или вакцинација ако се пријави несакано дејство, не значи дека е последица на вакцината или лекот – рече Мерјем Хаџихамза, која е дел од работната група за следење на несаканите ефекти во МАЛМЕД.

Како што објасни Хаџихамза, за тоа да се потврди, треба да се испитуваат голем број на параметри – кој бил пациентот, од што боледувал, какви лекарства прима, се прави комплетна обработка да се види дали е врзано за примената вакцина.

Пријавените несакани ефекти се во многу мал број во однос на бројот на примени вакцини – рече директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани.

Во Центарот за пријава на несакани ефекти има регистрирано 133 пријави од страна на лекари, 88 од фармацевти, 10 од други здравствени работници и 13 пријави од граѓани преку формуларот за пријава на несакани ефекти на интернет страната на МАЛМЕД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.