Подваријантите на омикронските соеви BA.4 и BA.5, се одговорни за последното зголемување на бројот на заразени луѓе ширум светот. Она што може да се види досега е дека новите подтипови на омикрон полесно се пренесуваат од првите подваријанти.

Причината може да биде и фактот што BA.5 и BA.4 полесно го заобиколуваат постоечкиот имунитет, без разлика дали е создаден со вакцинација или претходна инфекција.

Магазинот Тајм ги пренесува резултатите од студиите кои покажаа дека антителата предизвикани од инфекција со претходните подтипови на сојот омикрон обезбедуваат послаба заштита од инфекција со варијантите BA.4 и BA.5. Ова објаснува и зошто дури и луѓето кои биле заразени пред неколку месеци за време на претходниот голем бран, кој се случи по доаѓањето на омокронот, се разболуваат во овој бран.

Дополнително, новите варијанти го заобиколуваат имунитетот на вакцините.

Засега нема дефинитивни одговори колку е сериозна болеста, а искуствата во земјите се различни. Во Јужна Африка, каде што овие две подваријанти станаа доминантни пред Европа, имаше голем број заразени, додека бројот на хоспитализирани беше ист како и во претходниот омикронски бран. Притоа бројот на починати беше нешто помал.

Од друга страна, во Португалија, каде 90 отсто се вакцинирани, овие подваријанти доведоа до зголемување на бројот на хоспитализирани и починати. Сепак, бројот на лица во болниците како и бројот на починати е сличен на статистиката од периодот на претходниот омикронски бран. Сепак, некои здравствени експерти од Португалија предупредуваат на вишокот на смртност што е забележан во последните недели во земјата (поголем број на смртни случаи отколку што би се очекувало во овој период од годината) и истакнуваат дека тоа може да биде последица на подваријантите БА. 4 и БА.5 подваријанти.

Кои се симптомите?

Експертите наведуваат дека поминало малку време со сигурност да се каже дали подваријантите BA.4 и BA.5 предизвикуваат некои посебни различни симптоми во споредба со претходните подваријанти на овој вид.

Досега, ништо неочекувано не е покажано, а BA.4 и BA.5 подваријантите на сојот омикрон, како и нивните претходници, остануваат повеќе во горниот респираторен тракт, па најчестите симптоми се течење на нос, или назална конгестија, болки во грлото, замор, болки во зглобовите, кашлица, па сè изгледа како обична настинка.

Претходните истражувања покажаа дека инфекцијата со омикрон има многу помала веројатност да доведе до губење на сетилото за мирис, што беше вообичаен симптом кај претходните видови и дека болеста трае пократко. Ова второ откритие доведе до фактот дека во многу земји, периодот на самоизолација на пациентот е значително намален, а на некои места и укинат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.